Уметничкиот центар „Полифонија“ продуцираше две нови изданија од класичната музика

Уметничкиот центар „Полифонија“, како продуцент, и Давор Јордановски, како издавач, објавија две компакт-диск изданија со класична музика на домашни музички уметници, виолинистката Сања Шуплевска Боирал и пијанистката Јанинка Невчева.

Виолинистката Сања Шуплевска Боирал, која долг период живееше и работеше во Канада и во текот на својата музичка кариера настапуваше со голем број високо посветени уметници од повеќе делови од светот, на својот албум „Airs, Dances and the Lost Tango“ претставува збирка на автентични и уметнички песни и танци напишани за виолина во класична форма.

На албумот се објавени осум композиции, дел од нив снимени на соло-рециталите и студиските настапи на Шуплевска кај нас и низ светот, а со поддршка на Министерството за култура и уметничкиот центар „Полифонија“ оваа година снимила уште неколку композиции, кои одамна имала намера да ги изведе, за да ја докомплетира идејата за албумот.

Сања Шуплевска – Изборот на делата го конципирав така што албумот е полн со изненадувања за слушателот

– Иако композициите на албумот ги поврзува жанрот, тие неслучајно се меѓусебно контрастни. Со намера за поврзување со современите трендови на модерниот слушател, изборот на делата го конципирав така што албумот е полн со изненадувања за слушателот – од познатите виртуозни напеви на Сарасате (оригинал и обработка), до танго за тројца од Пјацола (виолина, виолончело и пијано), потоа нежната Бахова Сарабанда (од опусот за соло виолина), како и брзи танци и песни од македонски композитори (базирани врз наши безвременски мелодии). Секако, изборот на композициите и изведбата се многу лични, за што би можела да се навратам многу подетално во друга прилика. По дваесетина години професионален ангажман надвор од нашата држава, се чувствувам како припадник на неколку сосема контрастни менталитети, чии карактеристики сметам можат да се забележат при изведбата на овој албум.

Во тој контекст како моја придружба на албумот се јавуваат уметници не само од нашата држава, туку и од Канада, Куба и Русија, кои се истакнуваат со различна интерпретациска филозофија. Откако поминав низ повеќето сегменти на мојата професија (настапував соло, во различни камерни групи, во оперски и филхармониски оркестри, како и барокни состави, филмска музика и мјузикли), се вратив дома во оркестарот на Македонската опера и балет, каде ариите и танците се секојдневна рутина на вистинска посветеност. Покрај овој повод за овој албум има и други, а некои од нив се кријат некаде во текстот и музиката на компакт-дискот – објасни виолинистката Сања Шуплевска.

Меѓу соработниците на Шуплевска на нејзиниот албум се кубанската пијанистка Аријана Родригез, рускиот виолончелист Кирил Калмуков, канадскиот композитор со македонско потекло Давор Јордановски и македонската пијанистка Јанинка Невчева. Токму Невчева за истата продукција објавува свој двоен тематски албум, на кој се објавени нејзините изведби на седум сонати од раниот пијанистички опус на Бетовен.

– Изборот се наметна природно, со оглед на тоа што Бетовеновите сонати си ги работам од време на време, во текот на повеќе години. Во минатото, неговите сонати за пијано ме одбиваа, но со текот на времето почнав да ја сфаќам нивната уметничка тежина. И така, слободното време го користев посветувајќи се, имено, на Бетовеновите сонати. Некои од нив (вклучително и од доцниот опус) ги имав свирено во моите студентски денови, но секогаш ми се чинеше дека само загребувам на површината од интерпретацијата. Јасно е дека, имајќи го ова предвид, ми беше предизвик да одам подлабоко. Во таа смисла, не можам точно да определам колку време ми беше потребно да го снимам овој албум, зашто во него е збрано едно повеќегодишно искуство, во кое не мало значење имаат инспиративните средби и соработки со разни музичари – инструментални и вокални изведувачи, диригенти и композитори – истакнува Невчева.

Јанинка Невчева – Слободното време го користев посветувајќи се на Бетовеновите сонати

Директен повод за снимањето и објавата на албумот нема, но појавата на корона-кризата и повеќемесечната пауза во работата на нови проекти во текот на минатата година во Националната опера и балет, каде е вработена Невчева, отвориле можност слободното време да се искористи за самостојни проекти.

– За моја среќа, имав огромна поддршка од пријателите коишто го продуцираа компакт-дискот. За мојот Бетовен да се чуе така како што се слуша на цедето еднакво се заслужни тон-снимателот (Ален Хаџи-Стефанов), продуцентот (Орце Ицковски) и издавачот (Давор Јордановски), како и дирекцијата на Филхармонијата, која ми овозможи записот да се направи во нивната прекрасна сала, на нивниот феноменален „Стенвеј“, одржуван од штимерите на „Пијано центар“. Мошне значајна е, се разбира, и финансиската поддршка од Министерството за култура. Значи, во издавањето на овој носач на звук учествуваа личности кои со својата посветеност придонесоа за целосниот уметнички впечаток. И за ова сум особено благодарна на секого од нив – посочува пијанистката Јанинка Невчева.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 109, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот