Умерен оптимист во песимистичко сценарио

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Македонија, до овој момент, има само стотина заразени од вирусот, еден починат, повеќе пациенти во потешка и еден пациент во многу тешка состојба. Веќе до крајот на неделава, според сите експертски најави, ова ќе ни се чини како некое дамнешно, прифатливо минато, бидејќи ситуацијата ќе ескалира, брзо и лошо. Колку брзо и колку лошо – е трката во која се натпреваруваат овдешниот менталитет и капацитетите на здравството, со бројот на новозаразени во тешка состојба, кои ќе треба во тој систем да се третираат.

Според официјалните пресметки на медицинските власти, врвот на заразата во Македонија се очекува за четири недели. До тогаш, како што најавува Филипче, се очекува бројот на регистрирани заразени – тоа е цифра која ќе биде различна од реално заразените, недијагностицирани, а што ќе биде неколкукратно поголема од регистрираните – би достигнала неколку илјади пациенти.

Не треба човек да е со диплома по математика за да пресмета дека во наредните денови нè очекуваат по неколку десетици новооткриени инфицирани, а по недела-две и по неколку стотици дневно (и ноќно). ТАА прогресија, како што стојат работите, нема да може да се спречи ни со најригорозно почитување на пропишаните мерки за општествена изолација. Но, со пристојно почитување на тие мерки можеби нема да стигнеме над неколку илјади заразени, пред да ни се „стопи“ здравствениот систем.

Но, гледате, повеќе не помага само миење раце со два пати пеење хепи-брдеј…

Моја претпоставка е – како експерт за менталитет, а не за медицински алгоритми – дека ние ќе ја надминеме и песимистичката прогноза и дека ќе имаме повеќе илјади заразени од можноста за нивно адекватно лекување. Тоа е така бидејќи, и без големо теоретизирање, на сите ни е јасно зошто во Данска или во Норвешка, на пример, нема ни потреба за воведување полициски час; а во Шпанија, Италија, Србија или Македонија ни војската на улици не е гаранција дека ќе се почитуваат сите препораки на надлежните… Додека не биде предоцна, како во Италија. И многу откако ќе престане надвор да врне.

Иако, што рече некој, кога човек ќе размисли, навистина е ова единствена прилика во историјата да покажеме силен патриотизам и национална пожртвување – со лежење на тросед пред телевизор или компјутер! Обично државите бараат да гинеме за нешто; сега бараат да не гинеме за ништо… Па и тоа тешко ни оди.

Дури, исто така за прв пат во историјата на светската цивилизација, државата е подготвена тоа излежување по дома и да ни го плати! Добро, на крајот, тие пари пак ние ќе треба да ги враќаме (државата, тоа сме ние!), а можеби не се и којзнае колкави пари; и, секако, некои веројатно ќе поминат подобро од други. Но, потегот е епски, невиден, нечуен! … А и тоа не ни е доволно.

Според тоа, шансата ни е во фармацијата! Дека ќе се најде некоја миракулна комбинација на терапија од комбинација на постоечки лекови – оти, додека смислат вакцина, бајаги ќе испоцркаме! – со која третманот на вирусов наеднаш ќе стане возможен. Дали ќе биде оној сумамед од бивша Југославија, мешан со некаков хлорен-фосфат што-ти-ја-знам, шо да е; но друго, галиба, нема да нè спаси.

За оваа социологија, во микробиологијата и хемијата ни е спасот. Затоа и сум оптимист дека ќе успееме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот