Украински амбасадор во НАТО

Украинскиот амбасадор во НАТО бара од ЕУ да купи повеќе американско оружје за Киев

Европските земји мора да финансираат повеќе купувања на американско оружје за Украина, бидејќи самата Европа не може да го испорача во доволни количини, изјави денес амбасадорката на Украина во НАТО, Алјона Гетманчук.

„Европските земји од НАТО не можат да го заменат американското оружје ниту во однос на моделот, обемот ниту во однос на брзината на испорака“, изјави Алјона Гетманчук за АФП во Брисел.

Таа додаде дека американското оружје е клучно, особено за воздушната одбрана.

Голем дел од оваа опрема се обезбедува преку иницијативата PURL, мултинационален фонд предводен од САД, кој им овозможува на европските земји да ја финансираат испораката на американско оружје во Украина.

Многу оружја, како што се батериите на противвоздушни ракети „Патриот“, „ни се испорачуваат речиси исклучиво преку овој механизам“, рече амбасадорката.

Киев веќе доби две транши од помошта во вредност од 2 милијарди долари, финансирани од Холандија и неколку скандинавски земји, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски кон крајот на септември и објави дека Германија и Канада се обврзале да финансираат уште две транши од по 500 милиони долари.

„Би било добро да се заклучат петтиот и шестиот пакет пред состанокот на Контакт групата во среда во Брисел“, нагласи Гетманчук.

Целта, според Зеленски, е да се добиваат приближно 1 милијарда долари месечно од европските земји за иницијативата целосно да го реализира својот потенцијал.

Сепак, нагласи украинскиот амбасадор, Киев не го фаворизира американското оружје пред европското.

„Не е тоа што претпочитаме американско оружје пред француско или германско, туку дека бараме од САД оружје што Европејците не можат да го обезбедат“, рече таа.

Соочена со зголемените руски напади, особено врз енергетиката, Украина долго време бараше можност да напаѓа длабоко во Русија.

„Воздушната одбрана е неопходна, но на крајот на краиштата е лек, а за да се погоди изворот на болката, потребни ни се длабоки удари“ во Русија, рече амбасадорката.

Таа додаде дека е важно „Русите да разберат дека сè е можно, дека сите опции се на маса“.

САД долго време се двоумеа да ѝ обезбедат на Украина можности за удар со долг дострел, првенствено ракети, од страв од ескалација. Сепак, американската администрација неодамна ја искажа својата подготвеност да ѝ обезбеди на Украина крстосувачки ракети со долг дострел „Томахавк“.

Длабоките напади на Украина врз Русија со американско оружје не можат да се исклучат, изјави американскиот претставник во Украина, Кит Келог, кон крајот на септември, по слична изјава на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот