Укинувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“ на итна седница на Судскиот совет

Сашо Мијалков / Фото: EPA-EFE

По одлуката на Апелацискиот суд Скопје да ја укине првостепената пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“ со која поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор, Судскиот совет денеска ќе одржи итна седница на која ќе расправа за постапувањето на Судот по оваа пресуда, како и за други премети од интерес за јавноста кои се на надлежно постапување во Апелацискиот суд Скопје.

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева во врска со одлуката на Апелацискиот суд Скопје со која беше укината првостепената пресуда и предметот „Таргет – Тврдина“, кој се однесува на масовното прислушување, го врати на повторно постапување, викендов во писмена изјава до медиумите најави дека денеска во рамки на нејзините овластувања веднаш ќе преземе дејствија, а Судскиот совет согласно своите надлежности, ќе го испита конкретниот случај и за преземените дејствија и за констатираната фактичка состојба ќе ја информира јавноста.

-Со оглед дека вчера дознав од медиумите за конкретниот случај, в понеделник во рамки на моите овластувања веднаш ќе преземам дејствија, а Судскиот совет во рамките на своите законски надлежности ќе го испита конкретниот случај и за преземените дејствија и констатираната фактичка состојба ќе бидете навремено известени. Укажувам дека Судскиот совет нема надлежност да преиспитува, односно да оценува судска одлука, но има надлежност да ја констатира состојбата за текот на постапката во смисла на ажурно постапување и дали одлуката била донесена од страна на судија на кој му престанал мандатот поради исполнување на услови за старосна пензија, рече Дамева во писмената изјава.

Премиерот Димитар Ковачевски како и многумина други изрази разочарување во однос на овој судски случај, што, како што кажа, само ја потврдува ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем мерено според истражувањата на јавните мислења. При тоа подвлече дека како Влада ниту се мешале, ниту ќе се мешаат во судската власт, односно во судството со оглед дека судството и правосудството не се место за политичка борба и политички натпревар.

-На правосудниот систем е, кој е независна власт од Владата, низ една транспаретна постапка да ги објасни на граѓаните одлуките кои ги носат и дополнително да работи на унапредување на своето работење, а со цел да ја зголеми довербата кај граѓаните и да обезбеди фер услови за сите граѓани да бидат во државата еднакви пред Уставот, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање во врска со одлуките на Апелацискиот суд за случајот „Таргет-Тврдина“ и реакцииите во јавноста.

Претседателот Стево Пендаровски изрази шокираност од одлуката на Апелацискиот суд да ја укине пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, во која поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор.

-Одлуката е пораз за правната држава и доказ за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи. Ваквите одлуки само ја поткопуваат вербата на граѓаните дека се можни вистински реформи во владеењето на правото и борбата против корупцијата, објави на официјалниот фејсбук профил претседателот Пендаровски.

Одбраната на Сашо Мијалков, пак, ја поздрави одлуката на Апелацискиот суд во Скопје, оценувајќи ја како законита и праведна и заснована на доказите и фактите кои се наведени во жалбата поднесена против првостепената пресуда.

-Одбраната сѐ уште ја нема добиено пресудата на Апелацискиот суд во Скопје и сѐ уште не ги знае аргументите и насоките на второстепениот суд. Знае само дека се изразува „загриженост” или „згрозување” од највисоки државни функционери од извршната власт. Тоа е директно мешање и вршење притисок врз судската власт која мора да биде независна. Уште позагрижувачки е дека таквиот притисок е јавен и покажува дека оправдан бил стравот за политичко мешање уште од самиот почеток на постапката и се влијаело да се донесе првостепена пресуда каква што беше донесена, се наведува во соопштението од правниот застапник на Мијалков.

Апелацискиот суд Скопје, во петокот, ги уважи жалбите на обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина“, и ја укина првостепената пресуда, а предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување. Во образложението на Апелацискиот суд стои дека при разгледување на пресудата констатирал дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер.

За случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК,  Основниот кривичен суд Скопје на 26 февруари 2021 година изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица. На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот