Тридневна жалост во Каменица по трагичната смрт на двајца млади од градот во Италија

Советот на општина Македонска Каменица вечерва прогласи тридневна жалост, поради трагичниот настан кој вчера се случи во областа Пиемонт, Италија, каде во сообраќајна несреќа животот го загубија двајца млади жители на градот.

Одлуката за прогласување на тридневна жалост во Општина Македонска Каменица беше донесена едногласно на вечерашната итна Седница на Советот.

-Македонска Каменица е завиена во црно. Македонска Каменица е во жалост. Згаснаа млади животи. Почитувани сограѓани, Советот на Општина Македонска Каменица изразува искрено и длабоко сочувство до фамилиите на трагично загинатите млади момчиња. Денес, Советот на Општина Македонска Каменица на Вонредна Седница едногласно донесе одлука да прогласи Тридневна Жалост во деновите 11, 12 и 13 Април 2023 година, Вторник, Среда и Четврток. Момчиња почивајте во мир, нека Ви е светол патот во вечноста. Секогаш ќе се сеќаваме на Вас, се вели во соопштението од каменичкиот Совет по повод прогласувањето на тридневната жалост.

Оттаму додадоа дека по дополнителни консултации со службите во Општината ќе ја разгледаат можноста за одобрување на финансиски средства за семејствата на загинатите во трагичниот настан.

Во сообраќајната несреќа која синоќа се случи во близина на италијанскиот град Асти, како што претходно потврдија од Министерството за надворешни работи, животот го загубија тројца македонските државјани З.С. – 33 години од Македонска Каменица, А.К. – 31 година од селото Саса, како и В.И. – 30 години од село Пекљани, Виничко.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот