Три сценарија за падот на украинскиот „Боинг 737“ (ФОТО)

Фото: EPA-EFE/ABEDIN TAHERKENAREH

Остаток кој наликува на дел од ракета е пронајден во градина на еден жител, во близина на местото на падот на украинскиот „Боинг“.

На фотографија објавена на социјалните мрежи, за која се тврди дека е направена во близина на местото на падот на украинскиот „Боинг 737“ вчера во Иран, може да се забележат остатоци од ракета, пишува „Дејли меил“.

„Боингот“ се сруши на едно земјоделско земјиште во Паранд, град во провинцијата Техеран, неколку минути откако полета од аеродромот кон Киев.

Иран тврди дека падот на авионот најверојатно е предизвикан од „технички проблеми“, како и дека пилотот ја загубил контролата над леталото откако избил пожар во еден од моторите. Вчера канадски безбедносни извори рекоа дека дефект на авионот најверојатно е објасувањето за неговиот пад.

Од друга страна, Советот за безбедност во Украина верува дека постојат три верзии – удар на проектил, терористички напад и експлозија во моторот.

Меѓутоа, иранските власти рекоа дека нема да ги предадат црните кутии на странските истражувачи, велејќи дека тие ќе бидат испитани во земјата во која се случила трагедијата.

Во меѓувреме, на ирански Твитер-профили се појави фотографија која покажува остаток од она што изгледа како ракета, што дополнително ги истакна сомненијата дека авионот е срушен со проектил.

Во описот на оваа непроверена фотографија пишува дека остаток од ракета паднал пред куќата на еден од жителите на Паранд, кој е оддалечен 60-тина километри од Техеран.

„Дејли меил“ пишува дека сведокот ја објавил фотографијата пред да слушне дека паднал авион, опишувајќи голема експлозија, која според неговите зборови, доаѓала од воената база која се наоѓа во близина.

Авионот падна на само два километри од гарнизонот Парадак, во кој е 23. дивизија на војската на Исламската република Иран.

Ашкан Монфаред, кој исто така ја објави фотографијата, напиша дека остатокот е пронајден во градината на еден жител.

– Ова парче е пронајдено на местото на несреќата на украинскиот авион. Дали авионите имаат вакво нешто? Зар ова не е ракета? – запраша тој.

Други сведоци, кои тврдат дека биле во близина во моментот кога авионот паднал, рекоа дека слушнале аларм во базата и две силни експлозии.

Украинскиот авион, кој падна набрзо по полетувањето од аеродромот во Техеран, се запали непосредно пред падот, покажа прелиминарната истрага.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот