
Третиот судија што одлучува за Јалдз Веапоска останува во процесот – одбиено барањето на гинекологот Мухамед Асани за негово изземање
И Врховниот суд и Апелациониот суд Битола го одбиле барањето на гинекологот Мухамед Асани обвинет за тешки дела против здравјето на луѓето во случајот со Јалдз Веапоска, на која ѝ беа извадени матката, јајникот и бубрегот при породување со царски рез во струшката државна болница – да биде изземен судијата што го води предметот во Основниот суд Струга Јордан Јованов. Ова за „Слободен печат“ го потврдија и Врховниот суд и Апелациониот суд Битола.
Препорачано
Барањето за изземање пристигна откако судијата Јованов го прифати супервештачењето во кое е опишан начинот на кој се случило Веапоска да остане без органи за време на породувањето. Супервештачењето беше побарано од страна на судот.
Во моментов како што информираа од Апелациониот суд Битола за „Слободен печат“, предметот е доставен до основниот суд Струга каде ќе продолжи судењето.
Ова е трет судија што суди во процесот, бидејќи двајца се пензионираа претходно, а окончување на процесот немаше.
Адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев, пред еден месец изјави дека постапката за одлучување на судовите за барањето за изземање на судијата треба да биде што побрза, експресна, за да се избегне застарување на делото.
-Не очекувам друг исход, освен да победиме, бидејќи вистината е една – изјави за „Слободен печат“ Јанев.
Инаку одбраната на обвинетите поднела кривична пријава против вештаците што го изготвија супервештачење. Пријавата е затоа што вештаците не работеле во државното, туку во приватното здравство.
Судскиот процес против тројцата лекари, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, кој трае околу три години, ќе продолжи кај истиот трет судија по ред, а делото застарува во 2026 година. Претходно, судот чекаше 10 месеци за изработка на супервештачење.