Трета доза за пациентите со малигни и со ревматолошки заболувања

Вакцинален пункт Борис Трајковски - Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески
Трета доза вакцина, според препораката на Националниот Комитет за имунизација, ќе примат и пациентите со малигни заболувања и оние што имаат ревматолошки болести, кои примаат имуносупресивна терапија, велат од Министерството за здравство за „Слободен печат“. Овие лица ќе се вакцинираат со потврда од лекарот специјалист што го води пациентот.

Покрај овие пациенти со имунокомпромитирачки болести, со најновата препорака на Комитетот за имунизација, трета доза вакцина се препорачува и за повозрасните граѓани од 60 години, како и за сите здравствени работници без оглед на возраста.

Засега, единствениот производител од кого се препорачува да биде третата доза е „Фајзер”, независно од тоа кои биле првите дози, велат од Министерството за здравство.

Од понеделник во земјава почнува вакцинацијата со трета доза за граѓаните на кои им е препорачана, а за другите дополнително ќе се решава. Условот е да поминале најмалку шест месеци од втората доза. Според Министерството за здравство, граѓаните на своите мобилни телефони ќе примат СМС-порака од системот „Мој термин“ со известување дека може да се вакцинираат.

Светската здравствена организација во јули излезе со став дека мешањето на вакцините ќе биде „лизгав терен“ и препорача граѓаните да не одлучуваат на своја рака од кој производител да примат трета доза, туку да остават на здравствените власти да одлучат базирано на поголем сет податоци. Ова станува особено важно по информациите дека македонски граѓани заминувале во Србија за вакцинирање со трета доза. Дури се шпекулира дека нашинци кои биле имунизирани во Македонија со две дози заминале на вакцинација во Србија, а не пријавиле дека се вакцинирани дома. На тој начин им се аплицирала третата доза како да е прва. Наводно, тоа на своја рака го прават дел од граѓаните што не спаѓаат во категориите за кои Министерството за здравство и Националниот комитет за имунизација препорачаа трета доза вакцина. Вчера здравствените власти од Србија соопштија дека за странци засега не планираат вакцинирање со трета доза, како што е предвидено за српските граѓани.

Српските препораки за „Спутник“

Членката на српскиот Кризен штаб, Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, рече дека третата доза за вакцинираните со „Спутник“ кои одбираат и третата доза да им биде аплицирана од истата вакцина „Спутник“, мора да ја примат првата компонента на вакцината.

– Ако сте примиле вакцина од рускиот производител која има две компоненти, прва и втора, доколку се одлучите да примите и трета доза од истиот производител, тоа треба да е првата компонента – прецизираше таа за Би-би-си.

Во Македонија нема веќе вакцини од „Спутник“, за разлика од Србија каде што секој граѓанин избира од кој производител да му биде аплицирана трета доза, а нема ниту ограничување по возраст или коморбидитети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот