Tотална распродажба – сè за седум евра квадрат!

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Министерството за финансии кое парцелата кај „Нова Македонија“ ја продало два дена пред Нова година (!?), најави дека за последен пат се приватизира државно земјиште по таа цена. Градежно, можеби. Земјоделското ќе се продава уште поевтино. Уан коин шоп!

Еден од омилените наративи на безидејната лицемерна опозиција е евтина распродажба на земјата, се разбира во политичка смисла, односно во контекст на промена на историјата, јазикот и идентитетот. Реално, далеку од тоа дека таков пазар навистина се случува, но за тоталната распродажба на државното земјиште очигледно има политички консензус. Иако и на тој начин може да се изгуби дел од суверенитетот, особено ако се отуѓува заради влез на странски капитал.

Додека граѓаните од населбата Капиштец плаќаат данок на имот што се одредува врз база пазарна цена од 1.200 евра за квадратен метар, приватен инвеститор спроти „Нова Македонија“ откупил државно земјиште во тој дел од Скопје за седум евра по квадрат. Не само тој, многумина „одбрани“ во изминативе 11 години што се спремни да платат под маса каде што треба само за да си го оплодат капиталот, садеа бетон на евтино купено земјиште. Цената ја одредила Владата на Никола Груевски што не значи дека нема вина и кај актуелните властодршци, во чиј мандат за „џабал’к“ продолжија да се продаваат парцели во сопственост на државата.

Фатмир Етеми, поранешен пратеник на ПДПА-НДП и сопственик на градежната компанија ЗСФ-КОМ, ќе гради на тоа државно земјиште, откако Општина Центар дозволи да се спојат две локации со вкупна градежна плоштина од 1.380 м2. Пазарната цена на квадрат деловен простор во центарот на Скопје е околу 2.000 евра, а за објектот се зборува дека ќе биде со висина од 15 ката. Тамам за да се вклопи во амбиентот на „Лимак“, што исто така се (из)гради на поранешно државно земјиште. Според Општината, барањето за спојување на две парцели во една и пренамената на маркичката во „комерцијални дејности“ било прифатено поради висината на деловниот објект, што законски обврзува да има повеќе зеленило. Како што требаше да има и кај другиот објект на ЗСФ-КОМ, зградата што никна врз некогашното зеленило кај „Мајчин дом“. Етеми пред четири години им вети на граѓаните што протестираа дека ќе насади 150 дрвца, но тие никако да фатат корен, како што фаќа корен малтерот закопан на секое парче неосвоено државно земјиште. Разграбувањето на секој тревник (па дури и булевари, како Јужниот, на пример) е од постар датум, иако приватизацијата на тоа државно земјиште во Аеродром одеше преку фирма на Орце Камчев.

Етеми овој пат се пожали дека само тој бил на тапет, а во цело Скопје се купува по таа цена според уредба од пред 11 години. Реагираше и претседателката на Антикорупциската комисија, Биљана Ивановска, која ќе испитува како може исто да чини земјиштето во Дебар и во центарот на Скопје. Уште зборот не го дорече, нов скандал е најавен – физичко лице наплатувало паркинг на државен плац кај „Мавровка“ за 50 денари од час. До објектот во кој и багер влезе во дупката за да воспостави ред. Напразно!

Министерството за финансии кое парцелата кај „Нова Македонија“ ја продало лани (два дена пред Нова година!?), најави дека за последен пат се приватизира државно земјиште по таа цена. Градежно, можеби. Затоа што уште не е распламтена продажбата на земјоделско земјиште кое може да се откупи за 12 до 62 денари по квадратен метар, а кое по 8 до 10 години може да се пренамени во градежно или за каква било друга намена. Уан коин шоп!

Ниту едната ниту другата политичка опција во земјава последниве децении ништо значајно не промени во правец на заштита на животната средина и хуманизација на јавниот простор, а на штета на градежната мафија. Напротив, со уште позасилено темпо евтино се распродава националното благо во вид на државно земјиште, независно дали станува збор за градежно или земјоделско. Гладот по профит и градежната експанзија, откако ги уништи презагадените градови, сега ќе се префрли на потенцијално обработливо земјиште. Како да не учиме доволно од неочекуваните глобални промени во последно време. А токму односот на земјата кон своето земјиште со правилен стратешки план за начинот на негова експлоатација е еден од одбранбените механизми против глобалните кризи, толку актуелни последниве години, независно дали станува збор за пандемии, воени конфликти, недостиг од стратешки прехранбени производи или еко-катастрофи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот