Тоа што Министерството за здравство заборави да распише тендер за ленти и глукомери – не било дискриминација за дијабетичарите

Profimedia
Фото: Профимедиа

Тоа што Министерството за здравство заборави да распише тендер за набавка на ленти и глукомери за дијабетичарите во земјава на почетокот на минатата година, за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација не претставува дискриминација.

Сојузот на здруженија на дијабетичари се пожали до Комисијата дека пациентите со дијабетес тип 1 и 2 биле дискриминирани затоа што Министерството за здравство наместо да распише тендер за ленти и глукомери два месецa пред истекот на стариот договор, тоа го направило половина година подоцна. Во меѓувреме немало ни ленти ни глукомери во инсулинските аптеки, па се празнеле џебовите на дијабетичарите кои плаќале по 700 денари за кутија ленти за мерење шеќер, приватно, од регуларни аптеки.

Додека завршила тендерската постапка на Министерството за здравство и додека стигнале првите бесплатни ленти и глукомери поминале уште пет месеци, така што поголемиот дел од минатата година пациентите со дијабетес за да преживеат и да ја менаџираат болеста мораа да даваат пари од џеб наместо да бидат покриени со посебната програма донесена од Владата. Сето ова беше направено без никакво образложение, освен меѓусебно препукување дека е виновна старата администрација на ексминистерот за здравство Беким Сали, која едноставно не распишала тендер за здравствен проблем кој засега десетици илјади луѓе во државата.

Пациентите со дијабетес поради тоа што тендерот не бил навремено распишан подолг период се соочувале со сериозен проблем кој се рефлектирал врз нивното здравје, немале ленти и глукомери за контролирање на гликемиските вредности во крвта и системи за континуирано мерење на гликемијата за деца и млади до 18 години. Обврската да набави ленти е исклучиво на Министерството за здравство преку двегодишен тендер со пари од државниот буџет.

Претходната тендерска постапка била до 31 декември 2022 година, а следната требала да се распише 2 месеци однапред. До тоа не дошло, поради причини непознати за пациентите. Се доцнело до април 2023 година, па пациентите со дијабетес беа оставени без глукомери и ленти од 1 јануари 2023 година до септември 2023 година.

„Поради ова на пациентите со дијабетес им е повредено правото на здравствена заштита, а предизвикана им е и материјална штета бидејќи тие ги купуваа потребните средства за менаџирање на болеста со свои пари“, велат од Сојузот на здруженија на дијабетичари, кој е подносител на претставката до Комисијата за дискриминација.

Но, Комисијата смета дека немало дискриминација во случајот, затоа што тоа што се случило не кореспондирало со дефиницијата за дискриминација која гласи:

„Дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа со сторување или несторување, што резултираат со спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други“.

Во мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се наведува и одговорот од Министерството за здравство во кој само се потврдува дека од јануари до јули, цели 7 месеци Министерството немало распишано тендер за ленти.

„За делот кој се однесува на лентите за мерење шеќер, јавната набавка е завршена со договор од 21 јули 2023 година со што се набавени 11 илјади ленти за пациентите со дијабетес тип 1 и 23 илјади ленти за пациентите со дијабетес тип 2. Набавените ленти мора да бидат со рок на траење подолг од 12 месеци и фирмата била должна на секој пациент со дијабетес кој е на инсулинска терапија да му обезбеди глукометар компатибилен со лентите. Според договорот треба глукоментрите да се обезбедат за 4.500 пациенти со дијабетес тип 1 и за 39.500 пациенти со дијабетес тип 2. Фирмата што ги испорачува глукометрите има обврска постепено да ги набавува во рок од 6 месеци“, навеле од Министерството за здравство.

Инаку, Министерството за здравство секоја година ѝ предлага на Владата да донесе програма за обезбедување инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи и сензори за континуирано мерење на гликемија.

По минатогодишното фијаско со нераспишување навремен тендер за ленти и глукомери за над 50 илјади дијабетичари, Сојузот од Владата побара таа да се откаже од тендерскиот модел кој не може да го исполни како што треба. Дијабетичарите побараа да се промени моделот за набавка на глукометри и ленти за секое лице со дијабетес со инсулинска терапија. Тие побараа лентите и глукомерите да се тргнат од тендерската постапка за набавка во која е и инсулинот и за овие помагала секој дијабетичар да има пари што ќе му бидат на располагање за сам да си купи средства за менаџирање на дијабетесот во секоја аптека.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот