СЗО: Америка и сите што знаат, нека кажат – како и од каде се појави коронавирусот?

30 март 2020 г., Вухан, Хуабеи, Кина / ФОТО: EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Светската здравствена организација (СЗО) денеска ги повика сите земји да ги споделат сите информации што ги имаат околу потеклото на коронавирусот, откако американските власти оценија дека смртоносната пандемија, која според СЗО однесе безмалку седум милиони животи ширум светот, била предизвикана од „инцидент во лабораторија“.

Последните денови прашањето за потеклото на опасниот вирус повторно го привлече вниманието на светот, откако американски официјални лица, како и во неколку други наврати во изминатите години, го вперија прстот во Кина.

– Ако некоја земја има информации за потеклото на пандемијата, од суштинско значење е тие информации да ги сподели со СЗО и меѓународната научна заедница, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Според него, не се работи за „посочување на вина“, туку за разбирање како започнала пандемијата, за да се спречат идни смртоносни епидемии.

Директорот на американското Федерално биро за истраги (ФБИ), Кристофер Реј, неодамна изјави дека коронавирусот најверојатно се проширил преку „инцидент во кинеска лабораторија“, а слична оценка даде и американското Министерство за енергетика.

Претставничката на СЗО Марија ван Керхове рече дека агенцијата побарала информации за ова од високи претставници на американската мисија во ОН во Женева.

– Испративме барања за информации за последниот извештај од Министерството за енергетика, но и за дополнителни извештаи од различни американски агенции, рече таа, додавајќи дека СЗО во моментов нема пристап до тие извештаи или до податоците врз основа на кои се направени извештаите.

Тим на СЗО лани помина неколку недели во Вухан, кинескиот град во кој се појавија првите случаи на ковид-19 на крајот на 2019 година. Научниците ги истражуваа информациите дека вирусот преминал од животно на човек на пазар во градот, но научниците и натаму немаат цврсти докази за потеклото на вирусот.

Верзијата дека коронавирусот потекнал од лабораторија во кинескиот државен Институт за вирологија, и натаму е многу можна, но за неа и натаму нема докази. Кинеските власти остро ги демантираат западните тврдења дека ним им „избегал“ смртоносниот вирус.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот