Светски форум за демократија: Демократијата се користи за да се гласа за диктатура

Светски форум за демократија во Стразбур/ Фото: Слободен печат/ Жана П. Божиновска

Сите имаат големи куќи, скапи автомобили, сите работат во Швајцарија и гласаат за екстремна десница, зашто мислат дека сѐ лошо што се случува е поради имиграцијата, вели режисерот на документарни филмови Вансан Фроле.

Под насловот „Демократија = мир?“ во Советот на Европа во Стразбур се одржува Светскиот форум за демократија на кој ќе се обратат 160 говорници интелектуалци, политичари, активисти, експерти и млади луѓе од целиот свет, кои ќе дебатираат за тоа како демократијата може да даде подобри гаранции за мир.

Темата на годинашниот Форум, како што велат учесниците, е прилично актуелно прашање во време кога војната се врати на европскиот континент и на Блискиот Исток, кога демократијата е под закана, кога нееднаквостите стануваат сѐ поизразени, политиката поларизирана, а владите се соочуваат со нови предизвици какви што се климатските промени, пандемиите и ширењето нови технологии.

– Верувам во демократијата. Тоа значи да се верува во отвореноста, во транспарентноста и во дебатата – порача генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ.

Светски форум за демократија во Стразбур/ Фото: Слободен печат/ Жана П. Божиновска

Во своето поздравно обраќање на отворањето на Форумот, таа кажа дека ни се потребни заеднички стандарди, какви што се човековите права за да може мирот да се брани преку демократијата.

– Треба самите да се запрашаме не само дали демократијата е еднаква на мир, туку и дали е сè уште ефективна во обезбедувањето мир, како што беше порано. И ако не е, зошто не е, и што можеме да направиме за тоа. Иднината на демократијата ви припаѓа вам. Значи, вашите сознанија и вашето искуство се од суштинско значење за да одлучиме како да одиме напред заедно и да обезбедиме мирна иднина што сите ја посакуваме -изјави Пејчиновиќ Буриќ.

Но, колку демократијата може да се изедначи со мирот? Разговаравме со режисерот на документарни филмови Вансан Фроле, и ако се суди според неговите зборови, се чини дека демократијата оди во историјата. Демократијата се користи за да се гласа за диктатура, вели Фроле.

Тој говори за своето село, микро-средина за која смета дека го одразува генералниот тренд. Од вкупно 300 жители во селото, 74 отсто гласале за Националниот фронт, а сите, вели, имаат големи куќи, скапи автомобили, сите работат во Швајцарија, добро се ситуирани, а во селото нема ниту насилство ниту странци.
На прашањето зошто тогаш гласаат за екстремна десница, Фроле вели дека тоа е прашање што и самиот ќе го постави во својот филм за селото. Името на селото е Либсдорф што сначи „село на љубовта“, но во филмот го пречкртал и напишал „село на омразата“.

Вансан Фроле/ Фото: Слободен печат/ Жана П. Божиновска

– Зошто гласаат така? Мислат дека тоа е решението. Гледаат, на пример, на телевизија убиство и веднаш се споменуваат странците. Мислат дека сѐ што се случува е поради имиграцијата. Неразбирливо е бидејќи и тие се имигранти, работат во Швајцарија, а живеат во Франција. Ама велат таму не е исто. Тоа е малку шизофрено на некој начин – вели Фроле.

Тој не се согласува ни со тврдењата на медиумите дека за десницата гласаат жителите во руралните средини. Како пример ја споменува својата мајка, која исто така живее во селото, има 87 години, ја доживеала германската окупација и, како што вели, знае дека денеска наследници на нацистите се крајната десница, па никогаш не гласала за нив. За разлика од младите што работат надвор и заработуваат многу пари во Швајцарија.

Меѓу темите за кои ќе се дебатира на тридневниот Форум во Стразбур се Вистината за воените злосторства – користење електронски докази и разузнавачки информации со отворен код; Сеќавање, споменици и настава по историја; Жените, демократијата и мирот; Градење мир и демократија преку границите; Економија на мирот и Учење да се води мир и демократија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот