министерство за култура
Министерство за култура / Фото: Слободен печат

Судска победа за Синдикатот на културата – Министерството незаконски ги скратило платите

Претставници на Синдикатот на културата и денеска излегоа пред Министерството за култура за да објават дека со добивањето на првата пресуда против надлежното министерство, се потврдува дека правата на културните работници биле прекршени со незаконските решенија за намалување на платите. Оттаму прашуваат кој ќе ја понесе одговорноста за штетата која треба да ја платат културните институции

-Ќе одговара ли некој за судските трошоци на кои сега се изложени институциите? Дали истите службеници сега ќе ги заштитат директорите во културата за кој СКРМ поднесе кривични пријави за злоупотреба на службената должност и непочитување на законите и колективните договори. Повикуваме на разум и договор Министерството да седне на маса да се договориме за решавање на спорот и на тој начин да се избегне финансискиот колапс на институциите, изјави Вера Атанасовска од СКРМ.

Од Министерството за култура велат дека немаа никаква официјална информација поврзана со изнесените наводи.

-Министерството нема никакви конкретни сознанија ниту за тоа за која институција се однесуваат истите. Воедно информираме дека Министерството за култура и туризам внимателно го следи целиот процес и веднаш штом ќе располагаме со проверени и релевантни информации, навремено ќе ја информираме јавноста, велат од министерството за култура.

Културните работници во април годинава протестираат пред Министерството поради тоа што за Велигденските празници не ги добија своите плати, како и непочитување на колективните договори. На ова тогаш министерот Зоран Љутков одговори дека се доцни поради усогласување на платите, но платите потоа беа исплатени со намалување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот