Судовите немаат возила, срамно е што судиите одат на увид со автомобил на странката или со такси, реагира Судскиот совет

Судски совет / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Повеќе судови од помалите градови во Македонија, меѓу кои основните судови во Кратово, Радовиш, Крушево и други немаат службени возила и со тоа се оневозможени редовно и непречено да ги извршуваат своите обврски, реагираше денеска Судскиот совет, откако на седницата беше презентиран извештајот од работната посета што Советот ја извршил на 3 октомври во Основниот суд Кратово. Судиите се принудени на увид да одат со такси или со приватните автомобили на странките, што не само што е недолично, туку отвара сомнеж и за пристрасност, истакна членот на Советот Весна Дамева, која е известител од работната посета на кратовскиот суд.

Таа извести и дека претседателот на овој суд уште во мај барал од Агенцијата за управување со одземен имот да им се додели возило, но до денес немаат повратен одговор од оваа институција!

– Како основен проблем за овој суд е итна и неопходна потреба од обезбедување на службено возило заради нормално функционирање на судот, особено со цел да не дозволиме кој било суд служнебите должности да ги извршуваат со возила на странки, како што се приморани. Одат на увид или со такси или со возило на странката, што, пак, отвара сомнеж за пристрасност и не е долично. Треба да имаме в предвид дека регионалната трезорска канцеларија е во Куманово, па судот има постојана потреба да патува на релација Кратово-Куманово, како и до Скопје, за достава на предметите до вторстепениот суд. Сакав да обрнам особено внимание на овој дел. Во мај престедателот на судот испратил писмо до Агенцијата за управување со одземен имот и ја укажал неопходноста од службено возило, но нема ништо повратно – истакна Дамева.

Таа рече и дека не е непосредна надлежност на Судскиот совет да набавува возила, но секако мора да го изложи овој проблем, затоа што уште пет други суда во Македонија немаат службени автомобили.

Исто така, беше посочено и дека и во Министерството за правда се запознаени со проблемот, затоа што претседателот на судот пратил приговор до Правда, а во записнокот од посетата на Министерството на кратовскиот суд, исто така, е наведена итната потреба да се обезбеди возило.

Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев, кој претходно беше координатор на кратовскиот суд рече дека недостигот на службена автомобил е стар проблем што три години неуспешно се обидуваат да го решат!

– Тоа е стар проблем, во судот немаат возило. Тоа што го имаат е расипано и нефункционално. Три години се обидуваме да обезбедиме возило, за жал неуспешно, а и самиот суд нема доволно средства да набави ново. Но, има можност да се добие од Агенцијата за одземен имот. Таму има нов директор, ќе го поканиме на средба во Судскиот совет во понеделник. Неколку суда немаат возила, во Радовиш, во Крушево… Ќе побараме нова можност, се надеваме директорот позитивно ќе ни возврати – рече Георгиев.

Членот на Советот Мери Радевска рече дека е потребно да ѝ се обратат директно на Владата со барање да обезбеди службени возила за судовите каде што нема.

Членот на Советот Ивица Николовски рече дека во време кога сите имаат заложби за ефикасно судство, оди во очи во какви услови работат судовите.

– Јас се согласувам дека довербата во судството зависи од самите судови и тие имаат придонес и во позитивна и во негативна смисла. Но, ние очигледно немаме услови на граѓаните да им обезбедиме ефикасно судство. Еден суд во 21 век нема алат за работа, нема возило. Како ќе зборуваме за судство кое треба да биде приближно до европскиот тек на работите, кога за возила станува збор? Ние како Судски совет секако сме надлежни да обезбедиме самостојност и независност на судовите, ама како ќе го правиме тоа? Претседател на суд да бара позајмици за возила? Едно време немаше хатрија во судовите, сега нема возила. Немам разбирање. Сите ние треба веднаш да ги надминеме овие проблеми. Суд со години да нема автомобил, срамота е, нема место за коментар – рече Николовски.

Во извештајот за работата на судот известителката Дамева рече дека во кратовскиот суд според ситематизацијата треба да има тројца судии, а работат двајца, од кои едниот е и претседател на судот.

– Основниот суд Кратово нема нови застарени предмети, нема предмети во кои настапила застареност. Судиите ги почитуваат законските рокови и за преземање на процесните дејства и за изготвување и доставување на одлуките. Нема застој и покрај тоа што работат само двајца судии, кои постапуваат во предмети од сите области. Вложени се дополнителни напори од двајцата судии, за да нема заостаток на предмети. Разговаравме со нив, рекоа дека имаат многу работа, напорно е затоа што имаат многу предмети. Приливот на нови предмети, од година на година се зголемува, и тоа создава дополнителен напор за ажурно постапување – извести Дамева.

Во првата половина од годината претседателот на судот имал Мирослав Георгиевски имал 1.170 предмети, а судијката Ружица Здравковска 382 предмети. Лани во судот имало 2.820 нови предмети, а во 2021 годиина 2.550 предмети.

Дамева истакна дека во судот во Кратово има три стари нерешени предмети, а причините за долгото нерешавање е долгото задржување на овие предмети во Апелацискиот суд. Има заостанати и 23 оставински постапки, кои долго останале нерешени затоа што овластениот нотар во Кратово се пензионирал, па оставините се префрлени во Куманово. Претседателот на кратовскиот суд почнал да бара месечни извештаи од кумановскиот суд, со што очекува дека број на заостанати нерешени оставински постаки ќе се намали.

Работната група предложи и да се распише оглас за избор на трет судија во Кратово или да се делегира некој судија од другите судови. Претседателот на Советот Георгиев истакна дека Кратово има 7.500 жители и доволно судии според европскиот просек, кој изнесува 21 судија на 100.000 жители.

– Нема потреба од оглас, нема од каде да земеме судии, судството е празно, нема судии – рече Георгиев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот