Судот во Стразбур утврди дека на четворица Роми од Македонија им било повредено правото на слобода на движење

Фото: Европски суд за човекови права / EPA-EFE/PATRICK SEEGER

Европскиот суд за човекови права пресуди дека во случајот „Мемедова и другите против Северна Македонија“ на четворица Роми, од Македонија им било повредено правото на слобода на движење и забраната за дискриминација од страна на граничните служби

ЕСЧП утврди дека жалителите, сите од ромска етничка припадност, се соочиле со дискриминација од рацете на граничните полицајци. Пресудата нагласува дека таквата дискриминација е кршење на основните човекови права. Исто така, правото на апликантите на слобода на движење беше непобитно повредено како и сторената дискриминација.Судот утврди дека тие биле издвоени исклучиво поради нивната ромска етничка припадност. Во одлуката беше забележано дека дејствијата на службениците и органите за гранична контрола немаат какво било објективно или разумно оправдување. Дискриминаторските практики беа очигледни, без оглед на индивидуалните околности на апликантите – велат од Македонското здружение на млади правници (МЗМП).

Тие потенцираат дека овие четири лица биле жртви на незаконската пракса која ја применуваше МВР во период од 2011 до 2016 со која на лицата од ромската етничка заедница, им беше честопати забранет излез од државата, без законска основа и честопати на начин со кои се повредува нивното човеково достоинство.

Македонското здружение на млади правници, во соработка со тим од адвокати и со Европскиот центар за правата на Ромите обезбедуваше правна помош на овие лица за водење постапки пред домашните судови. За четирите лица, за кои се однесува одлуката од Европскиот суд за човекови права, се посочува, МЗМП обезбеди адвокати и ги покри трошоците за водењето на постапките вклучувајќи го и изготвувањето на жалбите и застапувањето пред Европскиот суд за човекови права.

Од МЗМП сметаат дека со оваа одлука практика на државните органи која погрешно се оправдуваше како заштита на штотуку воспоставениот безвизен режим, како што велат, доби и квалификација од страна на Европскиот суд за човекови права како дискриминаторска и која спротивно на Европската конвенција за човекови права ја ограничуваше слободата на движење на нашите сограѓани од ромската етничка заедница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот