Субвенциите од антикризниот пакет заталкаа низ Собранието: Зголемувањето на платите од 3 до 9.000 денари за 150 илјади работници ќе ги чека новите пратеници!

Пари/ Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека актуелната опозицијата во Собранието преку Комисијата за финансирање и буџет ја блокира антикризната мерка, која е дел од деветтиот антикризен пакет, со тоа што не сака да отвори дебата

Над 150 илјади работници најверојатно ќе треба да го почекаат новиот Парламент за субвенционирањето на зголемувањето на платите од 3 до 9.000 денари во приватниот сектор, да добие зелено светло. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека актуелната опозицијата во Собранието преку Комисијата за финансирање и буџет ја блокира антикризната мерка, која е дел од деветтиот антикризен пакет, со тоа што не сака да отвори дебата.

-За жал тоа е во низата, затоа што требаше да се закаже Комисија за финансирање и буџет, преку која, според нашите проценки, преку 150.000 наши сограѓани ќе добиваа повисоки плати од три до девет илјади денари месечно нето. Дотолку повеќе што ветивме дека работодавачите ќе бидат ослободени од придонесите во тој дел во наредните 12 месеци – потсети Битиќи.

Иако е најавена уште лани во ноември, владината мерка стои заглавена во прво читање во Собранието. Таа нудеше можност за зголемување на платите во угостителството, градежниот сектор и текстилната индустрија, а за зголемениот износ на платата работодавачите требаше да плаќаат само данок на личен доход и ќе беа ослободени од плаќање придонеси. Деветтиот пакет антикризни мерки е вреден 662 милиони евра и содржи повеќе видови помош.

-Оваа мерка можат да ја користат вработени кои примиле плата во висина до 1,5 просечни плати во последните три месеци. Периодот за којшто ќе важи е до 12 месеци и ќе стартува од 2024 година – најавија од Владата на промоцијата на новиот пакет.

Претходното законско решение, имаше можност за зголемување на платите во приватниот сектор од 600 до 6.000 денари. Според вицепремиерот Битиќи оваа мерка директно ќе влијае на намалувањето на неформалната економија и е дел од активностите од стратегијата за нејзино сузбивање. Дел од работодавачите веќе се изјаснија дека мерката за субвенционирање на платите ќе придонесе за зголемување на просечната плата во државата од повеќе причини. Поконкретно, работодавачите кои даваат дел од платата во кеш за да избегнат придонеси ќе бидат дестимулирани тоа да го прават бидејќи ќе се плаќа само персонален данок и државата ќе ги плаќа придонесите.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи, неодамна укажа дека приватниот сектор веќе трети месец ја чека мерката за субвенционирање на платите, која беше најавена на крајот на ноември минатата година. Тој додаде дека никој не знае и нема информации, зошто оваа мерка е заглавена во Собранието, која реално ќе помогне на бизнис секторот, но и на работниците, на кои работодавачите ќе можат да им ги зголемат платите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот