Стратешка грешка

Марин Гавриловски, Фото Архива

Станува јасно дека февруарската воена авантура, пред сè иницирана од рускиот претседател, е лош стратешки потег што во значителна мера ја ослаби меѓународната позиција на Русија. Секако, оваа состојба воопшто не е охрабрувачка. Сибирската мечка е најопасна кога е доведена до работ на бездната.

Војната во Украина влегува во третиот месец без изгледи за брз прекин на непријателствата. По првичниот продор на руската војска планиран во стилот блицкриг (воена доктрина со која преку концентрација на голема воена сила се врши брз продор преку линиите на одбрана на противникот, користена од Хитлеровата солдатеска во почетокот на Втората светска војна), со кој се очекуваше брзо заземање на главните стратешки позиции на територијата на Украина, воените дејства (непланирано за руската воена команда) се успорија, а реториката на официјална Москва се промени. Па, така, на самиот почеток на војната, во февруари, Владимир Путин најави „демилитаризација и денацификација“ на Украина. Очекувањата беа дека неколкупати послабата Украина нема да биде во можност на долг рок да ја издржи руската агресија и дека за многу кусо време ќе бидеме сведоци на промена на власта и нејзино свртување кон Исток.

Меѓутоа, „специјалната воена операција“, како што Москва ја нарече агресијата врз Украина, не се одвиваше онака како што беше планирано. Не поминаа повеќе од два месеца од почетокот на конфликтот, а Путин веќе почна да ја менува реториката, па од „демилитаризација и денацификација“ на цела Украина се концентрира на „благородната мисија“ да им „помогне на луѓето во Донбас“ (отцепен регион на Украина, со претежно руско население чиј поголем дел беше контролиран од Русија уште пред почетокот на војната), притоа повлекувајќи ја војската од североисточниот дел на земјата, каде што се наоѓа и главниот град Киев. Првичната идеја на Москва беше преку заземањето на Киев да се испровоцира брза промена на власта (за што сведочеше и 65-километарската колона армиски возила и тенкови што беа упатени кон Киев на почетокот на војната). Со одминувањето на времето и големиот отпор што локалното население го пружаше против рускиот агресор, стана јасно дека овие планови нема така лесно да се остварат, па следеше веќе споменатата промена на реториката, по што воените дејства од територијата на цела Украина се концентрираа само на нејзиниот југоисточен дел, односно поврзување на отцепениот Крим со регионот на Донбас, со што би се остварила една целина и Крим би се поврзал по копнен пат со Русија. Ова ретерирање е јасен сигнал дека Русија ни оддалеку не е она што се обидува да се прикаже дека е.

Имено, по падот на комунизмот и распадот на Советскиот Сојуз, таа го губи приматот на втора светска сила и станува само регионален фактор, кој својата моќ, пред сѐ ја црпи од големите резерви на природен гас и нафта и нуклеарното оружје останато од СССР. Чувствувајќи ја немоќта на бојното поле, Русија прибегнува кон своевидна уцена насочена кон земјите што ги користат руските нафта и гас, па надвор од договорената рамка, од нив бара плаќањата на овие енергенси наместо во долари да бидат во рубли. Со тоа, започнува своевидна економска војна. Оваа политика на лутото момче што не добивајќи поддршка за своето непресметливо однесување од речиси целиот прогресивен и демократски свет, се обидува да „ги казни“ оние што не се согласуваат со него по принципот: „сега ќе видите вие кој сум јас“, доживеа дебакл откако само Словачка и Унгарија од западноевропските земји го прифатија овој руски ултиматум. Останатите јасно ѝ ставија до знаење на Москва дека таа не може еднострано да ги менува веќе договорените обврски и услови за испорака и плаќање на нафтата и гасот.

Дека работите не се одвиваат во полза на Русија, сведочи и фактот дека сè повеќе се појавуваат докази за ѕверства врз цивилното население, кои може слободно да се карактеризираат како воени злосторства. Очигледно, руската армија не очекувала така брзо да добие наредба за повлекување од веќе заземените територии, па повлекувајќи се не била во можност да ги прикрие злосторствата врз цивилното население. За ова сме сведоци откако украинската армија почна пополека да ја враќа територијата на земјата повторно под своја контрола. Во таа насока, сè погласни се и барањата овие воени злосторства да бидат санкционирани во рамките на меѓународното право. Потонувањето, пак, на ракетниот крстосувач и команден брод на црноморската флота, „Москва“ како последица од гранатирање од страна на украинските воени сили, ја покажува немоќта на Кремљ да ја контролира целосно ситуацијата на бојното поле.

Откако НАТО-сојузниците конечно се договорија да испратат воена помош на Украина, може да се очекува во периодот што следува, уште вакви случувања. Увидувајќи ја положбата на Украина, како земја што не е членка на колективен одбранбен систем, неутралните земји, пред сè оние што се граничат со Руската Федерација или се во нејзина непосредна близина, какви што се Финска и Шведска, побрзаа да најават нивно можно зачленување во НАТО, која по крајот на Студената војна е единствениот глобален воен сојуз што ја гарантира безбедноста на своите членки.

Стариот мудрец рекол дека есапот дома и во кафеана не е ист, па така и очекувањата на Владимир Владимирович Путин што ги имаше во февруари не се поклопуваат со она што се случува на крајот на месецов. Ако идејата на Русија беше да не дозволи на нејзините граници да се доближи НАТО-алијансата (преку зачленувањето на Украина во неа), она што денес се случува е токму спротивното, па наместо Украина, овој испровоциран конфликт успеа да ги натера Финска и Шведска, земји далеку поразвиени, помоќни и со поголем воен потенцијал да му се приклучат на НАТО и со тоа уште повеќе да ја приближат алијансата до Русија. Ако го имаме предвид фактот дека границата помеѓу Финска и Русија изнесува околу 1.350 километри и е значително подолга од онаа што Русија ја има со Украина, а граѓаните на Санкт Петербург, вториот по големина и значење град во Русија, ќе може со голо око да ги гледаат потенцијалните ракети со нуклеарни боеви глави што би биле распоредени на финска територија, станува јасно дека февруарската воена авантура, пред сè иницирана од рускиот претседател, е лош стратешки потег што во значителна мера ја ослаби меѓународната позиција на Русија. Секако, оваа состојба воопшто не е охрабрувачка. Сибирската мечка е најопасна кога е доведена до работ на бездната.

Во ситуација кога суетата на Путин е значително повредена, а постои и опасност да биде обвинет за воени злосторства, не треба да се исклучи можноста тој, како очајнички потег, да посегне по употреба на нуклеарно оружје. Да се надеваме дека сепак разумот ќе преовлада и дека руското раководство нема да дозволи заедно со нив и целото човештво да се најде од онаа страна на провалијата. Тогаш, нема да биде важно дали рускиот гас ќе се плаќа во рубли или во долари и дали Крим ќе има копнена врска со Русија, бидејќи ниту Крим, ниту Русија ниту гасоводниот систем ќе постојат ако конфликтот се прошири и избувне трета (нуклеарна) светска војна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот