Сто прегледи на ден на Одделот за педијатрија во Битолската болница

Фото: Слободен печат, Васка М. Младеновска

На Педијатриското одделение при Клиничката болница во Битола лекарите имаат до 100 прегледи дневно на деца со покачена температура, фебрилности, со горни и долни респираторни симптоми, пневмонии.

На одделот за Педијатрија во Битолската болница, преку неделата имале до 60 прегледи, но, за празниците бројката достигна до 100 прегледи на ден.

За еден дежурен лекар со екипа од три медицински сестри е навистина голем обем на работа и пациентите чекаат два до три часа, велат од Педијатриското одделение при Клиничката болница во Битола.

-Пациентите имаат покачена телесна температура до 40 степени која не им се спушта и покрај ординирање на антипиретици. Ние како педијатри ги советуваме родителите да не претеруваат со употребата на антипиретици бидејќи организмот знае сам да се избори од инфектот. Инаку, лекувањето е со сиптоматска терапија, доколку се јават компликации и зависно од лабораториските параметри им се дава антибиотик-вели д-р Елена Велјановска началник на Одделението за педијатрија при Клиничката болница во Битола.

Таа апелира до родителите да избегнуваат дружења, посета на игротеки, родендени и семејни прослави каде што има поголема масовност.

-Ова особено се однесува за новороденчињата и мојот совет до родителите е да избегнуваат места каде што има голема бројка на луѓе, масовни дружења-апелира д-р Елена Велјановска началник на Одделението за педијатрија при Клиничката болница во Битола.

Таа додава дека бројката на прегледи исто така е зголемена, бидејќи за празниците матичните лекари не работат, нема дежурни служби и се соочуваат со недостиг на стручен медицински кадар.

Дежурен педијатар 24 часа има дежурство за целиот Пелагонски регион што го опфаќа Клиничката болница во Битола.

-Дефицитарниот кадар се повеќе се забележува. Во Клиничката болница во Битола моментно се тројца педијатри, четворица доктори се на специјализација. Се снаоѓаме со помош од педијатри од други здравствени установи кои што дежураат во Клиничката болница. Тоа е проблем што со години се провлекува во Битолската болница. Но, целиот товар паѓа врз тројцата педијатри кои имаат голем обем на работа и дежурства-вели д-р Велјановска.

Инаку, проблемот со недостиг на стручен кадар и медицински персонал, Клиничката болница во Битола ќе го решава со 34 нови трајни вработувања.

-Меѓу тие 34 нови вработувања се здравствени работници, администрација и помошно-технички персонал. Со тоа се зајакнува кадарот во Битолската болница кој се состои од 750 вработени на неопределено време, рече неодамна во Битола, министерот за здравство Фатмир Меџити и додаде дека како Министерство за здравство даваат сѐ од себе за да ја вратат довербата кај пациентите во Битолската болница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот