Стејт департментот ги охрабрува Скопје и Софија да продолжат со дијалогот за решавање на разликите

Фото: Архива

Портпарол на Стејт департментот вели дека САД силно ја поддржуваат целосната интеграција на Северна Македонија во Европската Унија и ги охрабрува владите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат со билатералниот дијалог за решавање на разликите.

САД силно ја поддржуваат целосната интеграција на Северна Македонија во Европската Унија. Европска Унија што го вклучува целиот Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, ќе биде посилна и попросперитетна. Ги охрабруваме владите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите, исполнување на претходните договори и поддршка на брзиот пристап на Северна Македонија, изјави портпаролот за Гласот на Америка.

Специјалниот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, на дебата за регионот во Конгресот минатиот месец, рече дека САД се ангажирани со новата бугарска влада да се осигураат дека нема да има нови барања откако државата ќе ги исполни обврските од постоечките договори.

За да ги продолжи своите аспирации за ЕУ, Владата на Северна Македонија се обврза да донесе уставни измени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор, рече Ескобар пред Конгресот неодамна.

Седницата за првата фаза на уставните измени, односно за гласањето за потребата од промени на Уставот, е закажана за 18 август.

Засега нема консензус меѓу власта и опозицијата за измените со кои и Бугарите би влегле во Уставот, услов за отворање на преговарачките поглавја.

Ескобар, во интервју за Гласот на Америка македонски во мај, рече дека со поддршка на уставните измени опозицијата го поддржува евроатлантскиот пат на Северна Македонија, а не премиерот.

Ние не бараме од опозицијата да го поддржи премиерот. Бараме од опозицијата да го поддржи евроатлантскиот пат на Северна Македонија. Ова е најдобриот договор што го добивме. Тој е разумен, мислам засега, и треба да продолжиме напред што е можно побрзо. Затоа, се надевам дека сите страни на политичкиот спектар ги поддржуваат потребните промени за да можеме да продолжиме напред во унапредување на кандидатурата на Северна Македонија, истакна Ескобар.

Бугарскиот претседател Румен Радев, пак, неодамна изјави дека вклучувањето на Бугарите во Уставот е само „прелиминарен услов за почеток на преговорите за членство“, и оти не ги исцрпува условите што треба да ги исполни Северна Македонија, пренесува Гласот на Америка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот