Станете порано за векна од 33 денари, летните одмори ги намалија нарачките

Производството е редовно, нема пореметувања, ниту пак ќе има поскапување, вели за „Слободен печат“, Горан Малишиќ, претседател на Групацијата за мелничко-пекарска индустрија при СКСМ

Цената на белиот и полубелиот леб, сечен или векна со тежина од 450 грама, чија што цена беше замрзната до 30 мај и по одмрзнатата маржа, остана на 33 денари, но последниве денови, мора да станете порано за да го купите. Во дел од поголемите маркети, се забележува дека таканаречениот основен леб се троши побрзо, а таква е состојбата и во маалските фурни. Дел од граѓаните се загрижија и се потсетија на мартовскиот „бел штрајк“, кога пекарите во знак на револт од замрзнувањето на цените, не носеа леб три дена.

Производството е редовно, нема пореметувања, ниту пак ќе има поскапување, вели за „Слободен печат“, Горан Малишиќ, претседател на Групацијата за мелничко-пекарска индустрија при СКСМ. Тој не ја исклучува можноста дека поради летните одмори, маркетите ги намалуваат нарачките. Во меѓувреме, пекарите и трговците се ослободени од обврската да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на леб од најмалку 80 отсто од производството во декември 2022 година.

-Не очекувам повисоки цени не лебот, бидејќи брашното и пченицата се поевтини на берзите за 50 проценти, а драстично се намалени и цените на струјата и гасот. Пекарите работат според побарувањата на пазарот. Се надеваме дека нема да дојде до некои пореметувања на берзите – додава Малишиќ.

-Некои параметри се намалуваат, други елементи, како влези инпути, се зголемуваат. Така што, самиот пазар слободно ќе ги дефинира условите и точно ќе ја одреди финалната цена. Нема да има поголеми турбуленции на пазарот и цените ќе имаат некоја конзистентна вредност во следниот период – рече и Горан Георгиевски, претседател на Агро-бизнис комората.

Во една векна леб од 450 грама, трошоците (брашно, вода, квасец, сол) учествуваат со 9,5 денари, струјата и работната рака (со 5,7 денари, односно нивното учество е 60 отсто), транспорт и пакување 6 денари, а со тоа вкупната производствена цена е 21,2 денари. На тоа треба да се додаде заработката на пекарите од 6 денари, по што влезната цена во маркетите е 27,2 денари и тоа треба да се додаде маржата од 5 отсто и ДДВ од 5 отсто, за да се добие крајната цена од 32 денари. И сега со маржа од 10 отсто, цената на лебот останува иста.

Инаку, од 1 јануари годинава, прехранбените компании добија повластена цена на струјата од 80 евра за мегаватчас со цел да ги намалат цените на лебот и да се ублажат ударите врз семејниот стандард, но Владата во март донесе одлука да се замрзне цената на белиот и полубелиот леб до 450 грама на 33 денари, бидејќи пекарите не се придржуваа до ветеното намалување на цените по испораката на субвенционираната струја.

Министерството за земјоделство објави податоци дека во целата држава се зголемени површините под жито и житни култури, односно дека се засадени околу 78 илјади хектари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот