Стаменов: Не сум убиец на животни, секаде во светот се прави „економско искористување“

Фото: Фејсбук

Разрешениот директор на ЗОО Скопје, кој заедно со петмина вработени се обвинети дека во зоолошката градина заклале 12 коњи и една мазга за да ги нахранат лавовите, се јави со своја реакција на настаните. Тој денеска на прес-конференција демантираше дека е „убиец на животни“, а нагласи дека како редовна пракса за храна да се користат изнемоштени и инфицирани животни во консултација со стручни лица, тоа го правеле и неговите претходници, но и дека така се постапува во многу зоолошки градини во светот: во Хамбург, Љубљана, Загреб, Дрезден…

„Во Зоолошката градина работам повеќе од 12 години како самостоен зоо-негувател, остро ги демантирам наводите во јавноста дека сум некаков „убиец“ на животни како и лажните информации за наводните мои изјaви“, вели Стаменов.

МВР денеска соопшти дека обвинетите биле фатени како го спремаат месото во помошните простории на Зоолошката градина.

Стаменов, кој експресно беше разрешен од Град Скопје откако се појави информацијата за заклните коњи, објаснува дека „економското искористување“ на животни кои се ранети, неизлечиво болни и инфицирани, како во случајов коњите, во консултација со стручни лица е пракса која постои 20 години.

„Со Одлука за отстапување на стока од 11 јули 2022 година од Управата за извршување на санкциите КПУ – Идризово Скопје според Решение за отстапување на стока од Агенцијата за управување со одземен имот од 8 јуни годинава и Решение за отстапување на стока од 31 мај годинава се отстапија вкупно 12 коњи од КПУ Идризово во Зоолошката градина, поради немање на соодветни услови за нивно чување. Овие животни биле претходно запленети од дрвокрадци, шверцери на наркотични средства итн. Според важечка одлука на Управниот одбор на Зоолошката градина Скопје од кoj последните 20 години или откако постои оваа установа, се врши таканаречено „економско искористување“ на животни кои во консултација со стручните лица од Зоолошката градина се во состојба пред умирање, болни, со видливи неизлечиви рани, инфекции и крајно изнемоштени животни кои не можат да бидат рехабилитирани. Наспроти сите јавни пишувања на поединци морам да истакна дека ова не е прв случај, вакви случаи во минатото се бројни и лично сум учествувал како зоо-негувател во ваква постапка и во времето на претходниот директор на Зоолошката градина. Крајно лицемерна е осудата која доаѓа кон мене токму од истите лица кои ова економско искористување го имаат и самите правено и тоа не само на коњи, туку и на останати животни. Пример за тоа е жирафата која е дадена како храна за лавовите – вели директорот Стаменов.

„Можеби во јавноста овие теми не се популарни, но предметите на јавни набавки за месо кои ги спроведуваат сите зоолошки градини во светот доаѓаат дури и од здрави животни. Во Хамбург, Љубљана, Загреб, Дрезден и многу други европски метрополи спроведуваат ваков вид на хуман третман на болни животни, кои се во опасност од умирање. Сакам изрично да одговорам на сите напади – Никогаш ниту сум имал намера ниту сум помислил да мачам изнемоштувам или убивам животни. Како зоонегувател сум посветил над 12 години од мојот живот само на заштита на животните“, додава тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот