Стабилна состојбата со ковидот и грипот, минатата недела во болница починаа четворица пациенти

Скопје, Инфективна клиника / фото: МИА

Согласно извештаите од Институтот за јавно здравје за минатата недела состојбата со коронавирусот и сезонскиот грип во земјава се чини стабилна. Нема забележано драстично зголемување на позитивни или починати од коронавирусот, а состојбата со грипот е под неделната граница за сезонска активност.

Сезонскиот грип сè уште е присутен кај децата. Согласно податоците од Извештајот, за минатата недела пријавени се 56 деца на возраст од 5 до 14 години кои биле заболени од грип, а останатите 178 биле на возраст од 15 до 54 години.

Состојбата со ковид-19 останува непроменета. Регистрирани се 155 нови позитивни случаи, со намалување од 13,4 отсто во однос на претходната недела, а активни се вкупно 210 случаи.

Починати се три лица во болнички услови, на возраст од 66-86 години, додека од грип пријавено е едно починато лице на возраст од 50 години од Радовиш. Лицето починало на Клиниката за инфективни болести, кај него е утврдено присуство на коморидитети и не било вакцинирано со вакцината против сезонски грип. Извештајот потврдил присуство на Influenza A/H1pdm.

Во моменотв поради компликации со коронавирусот, од ИЈЗ посочуваат дека хоспитализирани се 25 лица, а четири од нив се на кислородна поддршка. И во делот на хоспитализација е забележано намалување споредбено со претходната недела кога во болниците имало 33 лица, од кои девет на кислородна поддршка.

Позитивен тренд бележи и падот на бројот на заболувања слични на грип во последните четири недели, кој според Институтот е под неделната граница за сезонска активност. Исто така, регистриран е и поголем број на „оздравени“ пациенти од КОВИД-19. Минатата недела регистрирани се 174 оздравени лица, за 58,2 отсто повеќе во однос на претходната недела.

Во однос на одѕивот за вакцинација, досега вакцинирани против грип се вкупно 55.409 лица. Вакцината против сезонски грип е бесплатна и ја набавува Министерството за здравство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот