Срцевите заболувања кај помладите од 40 години се во пораст

Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Се бележи пораст на срцеви заболувања кај помладата популација која е работно активна, односно кај лица под 40-годишна возраст, рече министерот за здравство Беким Сали на одбележувањето на Светскиот ден на срцето. Тој нагласи дека кардиоваскуларните заболувања се водечка причина за смрт на глобално ниво.

– Кардиоваскуларните заболувања претставуваат пандемија во континуитет. Затоа, еден од приоритетите на Министерството за здравство е превенција од кардиоваскуларни заболувања. Според последните податоци, 31% од смртноста во светот е поради нив. Министерството за здравство на годишно ниво има планирано програма за превенција од кардиоваскуларни болести, со посебен фокус на превенција на факторите на ризик, навремено дијагностицирање, препознавање и намалување на смртноста и унапредување на лекувањето. За оваа година предвидени се 20 милиони денари за оваа програма“, рече Сали.

На оваа клиника годишно околу 35.000 луѓе добиваат амбулантски преглед, а има од 10.000 до 11.000 хоспитализирани пациенти.

По повод Денот на срцето, 29 септември, Клиниката за кардиологија доби нова медицинска опрема, донација на World medical relief од македонската дијаспора во Соединетите Американски Држави.

Станува збор за опрема во вкупна вредност од околу 570.000 долари, наменета за зајакнување на повеќе универзитетски клиники од која најголем дел, околу 80 проценти е наменета за Клиниката за кардиологија.

– Опремата е поставена на Одделот за интензивна нега во ангиографски сали и на повеќе болнички оддели, а се состои од кислородни концентратори, апарати за стерилизација, кислородни маски, неинвазивна вентилација, различен мебел, кревети, колички, потрошен материјал, изјави Сали.

Директорот на Клиниката за кардиологија, д-р Жан Зимбаков истакна дека во изведувањето на оваа донација учествуваа и локални компании, односно логистичка поддршка дадоа компаниите „Алкалоид“ и „Фарматеј“.

– Универзитетската клиника за кардиологија во континуитет го поддржува Светскиот ден на срцето, се одбележува на денешен ден под мотото „Употребете го срцето за сите други срца“, што всушност значи дека треба да бидеме похумани, да го зголемиме ентузијазмот и да ги употребиме сите наши знаења, сите наши можности да помогнеме да спасиме повеќе срца, порача д-р Зимбаков.

Д-р Александра Ѓоргиева од Клиниката за кардиологија вели дека со оваа донација не само што ќе се овозможи поголема сатисфакција во лекувањето на пациентите, туку и подобри услови за квалитетна едукација на младите лекари.

– Унапредувањето на условите за оваа категорија пациенти е една од главните заложби на Министерството и Клиниката за кардиологија, имајќи ја предвид специфичноста и сензитивноста на здравствената состојба на овие пациенти, порача министерот Сали.

Потсети и дека во изминатиот период во оваа Клиника се реализирани и други инвестиции меѓу кои реновирање на радиографските сали, реновирање на подовите и плафоните низ клиниката.

– Наскоро очекуваме отворање, односно пуштање во употреба на ангиографски систем. Во однос на зајакнувањето со кадар на оваа јавна здравствена установа, во моментот на Клиниката специјализираат околу 60 специјализанти односно млади лекари, изјави тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот