Според Кривичен законик дивеењето со возила на плоштад не е кривично дело освен ако нема повредени

Инцидентот кој пред неколку дена се случи на плоштадот „Македонија“ во Скопје, кога автомобил влета во новогодишниот тунел, како да ги охрабри и другите престапници. По него следеше уште еден престапник кој возеше со автомобил по велосипедска патека, и при тоа се снимаше и видеото го објави на социјалните мрежи, не грижејќи се дека ќе биде казнет.

Вчеравечер пак, на улица Македонија 66 годишник возел по пешачката патека и запрел пред споменикот на Цар Самуил, каде што од видеата што кружеа по социјалните мрежи, беше забележано дека се моли. Прекршителот бил приведен во ПЦ Центар, а возилото му било задржано. Неговото семејство, како што информираат од МВР за Слободен печат изјавило дека возачот има здравствени проблеми, но истиот бил под дејство на алкохол.

– Изречени се мерки за возење под дејство на алкохол, неносење возачка и сообраќајна дозвола, измината важност на возачка дозвола и движење спротивно на сообраќаен знак, велат од МВР.

Неофицијално, овие прекршоци скопјанецот што се молеше на Цар Самуил ќе го чинат околу 1.000 евра.

Останува нејасно дали прекршителите ги охрабри престапничкото дело на прекршителот со „Бентлито“ или пак ги охрабри минималната сума која тој ја плати во износ од 45 евра, за сторен сообраќаен прекршок. Зошто наместо да се казнува за сторен сообраќаен прекршок, МВР не ги казнува за прекршување на Законот за јавна безбедност, прашавме во Министерството за внатрешни работи, од каде што ни одговорија дека според Кривичниот законик не може да се казнува за нарушување на јавната безбедност бидејќи нема повредени.

– Ние како МВР можеме да казнуваме само според Законот за прекршоци. Во Кривичниот законик е објаснето дека прекршителите во конкретните случаи не може да се казнат кривично бидејќи нема повредени, велат од МВР.

Во членот 144 од Кривичниот законик стои:

– Тој што ќе загрози сигурноста на друг со сериозна закана дека ќе нападне врз нговиот животили тело, или со животот или телето не нему блико лице, ќе се казни со парична казна или затвор до шест месеци.

Спротивно на ова, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов најави кривична пријава за возачот на Бентлито.

– Ќе биде поднесена кривична пријава бидејќи има елементи за загрозување на безбедноста на сообраќајот. Ќе го држиме обвинителството под око како ќе постапи по овој случај, рече Шилегов.

Министрите за одбрана и МВР, Шеќеринска и Спасовски пред неколку дена најавија дека ќе се разгледува можноста за зголемување на казните согласно примањата на прекршителите.

-Во програмата на Владата најавивме дека казните ќе бидат формулирани во процент од приходите и имотот и тогаш на секој прекршител ќе му се додели казната што ќе ја почувствува и која ќе го натера да го промени однесувањето, а тоа е целта на сите казни, да превенира такво однесување, истакна Шекеринска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот