Спечалената награда од 500 евра медицински сестри ја бараат на суд: ФЗО ги заборави хероините од ковид кризата

коронавирус-скопје-болница-ковид-19-миа11
Коронавирус/ Скопје/болница/ковид-19/ Фото: МИА

Фондот за здравствено осигурување две недели мака мачи со исплатата на платите на медицинскиот персонал и боледувањата и рефундациите на пациентите поради хакерскиот упад во компјутерскиот систем при што дополнително треба да се утврди дали има финансиска штета како и штета по базите на здравствените податоци на осигурениците. Пред 2 години во екот на ковид пандемијата, преку Фондот за здравство требаше да се изврши исплата на парични награди на сите здравствени работници кои спасуваа животи во болниците, клиниките и ковид центрите низ целата држава.

Тоа беа хероите на ковид кризата, на кои државата сакаше минимално да им се оддолжи за вложените напори, пожртвуваност и храброст во битката со болеста која безмилосно одземаше животи, но две години потоа, има здравствени работници кои останаа без ветеното.

Медицинска сестра од Кочани на суд со две години задоцнување си ја доби наградата од 27.900 денари зашто се грижела за болните во ковид центрите, откако болницата не и ја исплатила со образложение дека Фондот за здравство не префрлил пари за таа намена. Но, дека Фондот пари префрлил за други медицински работнички, но не и за тужителката, покажува судската пресуда од која станува евидентно дека се вршела селективна и нефер исплата на ковид надоместоците, загарантирани со Уредба на Владата од тој период.

Во 2020 година Министерството за здравство се пофали дека сите ангажирани здравствени работници кои учествувале во тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од ковид – 19 ќе добијат награда од 27.900 денари, но за конкретната медицинска сестра тоа никогаш не се остварило.

Според неофицијални информации на „Слободен печат“ ова не е изолиран случај, туку има и други медицински сестри во земјава, кои што не само што не ја добиле паричната награда, туку и приморани се по судски пат да се разубедуваат со работодавачот да ги исполни своите обврски кон нив. Тужителката чиј идентитет е познат на редакцијата, но не сака нејзиното име да биде споменувано, според судската пресуда, во текот на 2020 година била ангажирана за тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од ковид 19 на Инфективната клиника во Скопје. Покрај тоа, се грижела за ковид болни и во општата болница во Кочани во тамошниот ковид центар.

Според пресудата потврдена и од Апелација, на дел од ангажираните здравствени работници кои работеле во Општата болница Кочани Фондот за здравство пренел пари и болницата на медицинскиот персонал им ја исплатил во целост, а на дел од ангажираните здравствени работници еднократната награда им ја исплатил од сопствени средства. А за трети медицински лица пак, пари немало ни од Фондот ни од болницата, па тие и ден денешен, само формално правно имаат судски пресуди дека треба да им се плати со затезна камата, но на нивните трансакциски сметки пари не се легнати.

„Слободен печат“ под услови на анонимност, разговараше со една медицинска сестра, која повела судски спор пред управниот суд за исплата на ковид наградата и таа ни кажа дека се чувствува отфрлено и дискриминирано, бидејќи станува збор за спечалени пари, во тешки услови, дека била ангажирана во временски периоди кога инфективните одделенија ширум државата имаа лавина од тешко болни ковид пациенти. Особено неповолно за овие медицински лица е што кога увиделе оти средствата не се исплатени и година дена подоцна, приморани биле да покренат судски спор. Најнапред културно прашувале кога работодавачот ќе им ги префрли средствата за наградите, но подоцна најмиле адвокати и почнале да тужат.

– Ова не е прв случај во Кочани, има неколку такви случаи и во Велес, кадешто на определени здравствени работници не им била исплатена парична награда за третман на пациенти со ковид. Тие се практично заборавени, затоа што за нив болниците во тој момент не побарале пари од Фондот. Дополнителен список со нивните имиња подоцна му е доставен на Фондот и по него никогаш не е постапено, парите не се исплатени, вели за „Слободен печат“ адвокат кој учествувал во овие постапки.

Тужениот – Општа болница Кочани ваква исплата извршил за две работнички, додека за тужителката не исплатил, иако е неспорно дека како и останатите две, истата била ангажирана со ковид болни на Инфективната клиника во Скопје. Болницата од Кочани на суд пак тврдела дека Фондот за здравство не им префрлил пари за да и ја исплатат наградата на медицинската сестра.

„Тоа што исплатил на две лица не значи дека треба да се исплати и на останатите, бидејќи болницата смета дека кога ќе добие средства од Фондот за здравство, тогаш ќе бидат исплатени и овие средства“, се правдала болницата.

„Судот не ги прифати овие наводи и одлучил дека болницата доставила список на вработени за исплата на доделената награда од страна на Министерството за здравство и воедно исплатил две лица од ангажираните работници. Истото нешто требало да го стори и кон останатите работници кои ги испратил за работа во ковид-19 центар на Инфективната клиника во Скопје“, стои во пресудата која ја поседува нашата редакција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот