СОНК настапува решително: За наставниците повисоки плати или штрајк!

Јаким Неделков, претседател на СОНК/Фото: Слободен печат

Вработените во дејностите образование и детска заштита заслужуваат повисоки плати и мора да ги добијат. Ако не најдеме заедничко решение, ќе штрајкуваме – изјави претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Деновиве ќе одржиме средба со министерот за образование и наука Јетон Шаќири и доколку не се најде заедничко решение, ќе следува штрајк – најави претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Тој рече дека Синдикатот има текст од колективен договор подготвен од работни групи на МОН и на СОНК, во кој ќе биде вградено и нивното барање за усогласување на платите од колективниот договор со минималната плата од 18.000 денари.

– Со оглед на тоа што минималната плата ќе биде 18.000 денари, тогаш основицата ќе биде 18.000 денари, која ќе се множи со соодветниот коефициент за сложеност на работното место – рече Неделков.

Според него, ваквиот модел веќе се применува во културата, а се надева дека ќе се примени и во образованието.

– Вработените во дејностите образование и детска заштита заслужуваат повисоки плати и мора да ги добијат. Деновиве ќе се сретнеме со министерот и ќе видиме што ќе биде одлучено. Покачување на платите ќе има, а покачена ќе биде платата од април. Ако не најдеме заедничко решение, ќе штрајкуваме. Според Законот за плати и колективниот договор, платите треба да бидат многу повисоки – вели Неделков.

Инаку, според пресметките на минималната плата со бројот што се множи со коефициентот за сложеност на работно место, излегува дека платата на наставниците треба да изнесува 45.054, додека на професорите 45.594 денари.

Пред три дена министерот за образование и наука Јетон Шаќири посочи дека е отворен за комуникација со СОНК за нивното барање за покачување на платите на наставниците.

Министерот порача дека нема придобивки од штрајкувањето и дека инсистира на директна комуникација со СОНК за да не дојде до тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот