Со учество на Форуми граѓаните на 40 општини ќе одлучуваат какви проекти да се реализираат во нивното место на живеење

Доделени сертификатите на модераторите кои ќе ги спроведуваат сесиите на Форумите во заедницата. Фото: УНДП

Граѓаните на 40 општини, во наредните неколку години, преку учество на Форуми во заедницата директно ќе одлучуваат какви проекти да се реализираат во нивното место на живеење.

Како што информираат од Програмата за развој на Обединетите нации, станува збор за алатка за граѓанско учество во носењето одлуки на локално ниво, која е воспоставена и успешно функционира во земјава подолго од една деценија, а сега се спроведува во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“.

Програма е со вкупна вредност од 6,6 милиони долари, финансирана од Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.

Швајцарија преку Програмата за соработка со Северна Македонија ја поддржува локалната самоуправа и децентрализацијата повеќе од 15 години. Воведувањето и спроведување на Форумите во заедниците е резултат на оваа соработка што значајно придонесува за охрабрување и вклучување на граѓаните во процесот на донесување на одлуки, потенцирала Вероник Улман, амбасадорка на Швајцарија во земјава, на анстанот по повод проектот.

Со цел успешно спроведување на Форумите во заедницата, во периодот септември – декември 2022 година, ЗЕЛС и УНДП спровеле процес на сертификација на форумски модератори. По спроведените обуки и тестирања, вкупно 25 лица се стекнале со сертификати, кои денеска им биле официјално доделени.

Овој процес на проверка на знаењата и вештините за модерирање на форумските процеси треба да биде пракса, со цел одржување на стандардот за квалитетно спроведување на Форуми во заедницата преку Заедницата на единиците на локалната самоуправа и создавање добри пракси со кои се овозможува и самоодржливост на ЗЕЛС, рекол претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.

Во рамки на втората фаза на проектот „Зајакнување на општинските совети“, во наредните четири години ќе се реализираат низа активности за поттикнување на развојот на општините и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во локалните заедници.

За остварување на овие цели ќе се работи на унапредување на капацитетите на општинските советници, директно вклучување на граѓаните во носењето одлуки, подобрување на законодавството, дигитализација на услугите, зголемена транспарентност и борба против корупцијата. Едно од клучните начела на проектот е при реализацијата на сите проектни активности во целост да се почитуваат принципите на еднаква родова застапености и еднакви можности за сите граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот