Со системски мерки да се опфатат сите ранливи категории граѓани

Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Парите од антикризните мерки наменети за ранливите категории на граѓани се добредојдени, но потребни се системски мерки со кои ќе бидат опфатени сите целни групи, оценуваат од Платформата против сиромаштија. Сметаат дека треба да се зголеми опфатот на лица кои го остваруваат правото на социјални бенефиции, а гарантираната минимална помош да ги следи трошоците на живот и растот на минималната плата.

Според претседателката на Македонската платформа против сиромаштија Билјана Дуковска, мерките се насочени кои оние граѓани кои се евидентирани во системите, но остануваат неопфатени лицата без документи и оние досега не оствариле никакво право.

– Ја охрабруваме Владата да продолжи да инвестира во најранливите категории граѓани меѓутоа сметаме дека она што требаше да се направи е примателите на гарантирана минимална помош да добијат зголемување кое ќе ги следи трошоците за живот и растот на минималната плата. Треба да се работи и на зголемување на опфатот на лица кои го остваруваат правото на социјални бенефиции затоа што во моментов, според нивните статистики и од она што го имаме на терен, гледаме дека не сите на кои им е потребна помош, користат одредени мерки. Во оваа ситуација, мерките повторно се насочени кон некои од целните групи. Тоа се луѓе кои се веќе во системите за социјална заштита или во евиденциите на другите сродни регистри меѓутоа остануваат луѓето без документи и оние кои никогаш не оствариле некое право. Тие повторно нема да добијат никаков надомест, изјави Дуковска.

Војната во Украина, енергетската криза и зголемувањето на цените го зголеми и бројот на луѓе кои живеат во енергетска сиромаштија. Европската платформа против сиромаштија (ЕАПН) посочува дека се поголем е бројот на луѓе кои не можат да ги одржуваат своите домови соодветно загреани или ладни.

– Војната во Украина им наштети на европските економии кои сè уште се опоравуваат од пандемијата на КОВИД-19 и ја влоши енергетската криза, што доведе до многу нестабилен пазар и вртоглаво зголемување на цените. Ова го зголеми бројот на луѓе кои живеат во енергетска сиромаштија (неспособни да ги одржуваат своите куќи соодветно загреани или ладни) и несразмерно влијае на домаќинствата со ниски приходи, кои веќе се оставени да прават невозможен избор помеѓу енергија, кирија и храна, се вели во клучните наоди на извештајот на ЕАПН.

Од Фондацијата „Фридрих Еберт” предлагаат субвенцииите за фотоволтаични панели и за енергетска ефикасност да станат подостапни и за ранливите категории на граѓани.

– Ние и во моментов имаме добри владини програми коишто субвенционираат поставување на фотоволтаични панели, како и вложување во енергетска ефикасност – енергетски ефикасни фасади, прозори итн., меѓутоа тие треба да бидат подостапни и до ранливите потрошувачи коишто најмногу се засегнати од несоодветните услови на топлинска изолација во нивните домови. Имаат стари апарати за домаќинства коишто не се енергетски ефикасни и поради тоа плаќаат повисока цена на струјата и многу повеќе се засегнати од покачувањето на цените на енергенсите. Затоа самите мерки за субвенционирање на цените на струјата не се доволни бидејќи колку и да се субвенционираат овие граѓани, тие плаќаат повеќе, изјави Ивана Вучкова од фондацијата „Фридрих Еберт”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот