CBW / Alamy / Profimedia

Со помош на вештачката интелигенција откриен убиецот од една од најпознатите фотографии од холокаустот

Една од најпознатите и најстрашни фотографии од ерата на холокаустот прикажува нацистички војник со очила како насочува пиштол кон човек во костум клекнат на работ на масовна гробница. Со години, фотографијата, направена во денешна Украина, погрешно била нарекувана „Последниот Евреин во Винициа“, а вистинската локација и идентитетот на војникот останаа обвиткани во мистерија, пишува „Гардијан“.

Јирген Матеус, германски историчар со американска адреса кој го истражува холокаустот, е убеден дека по години работа во архиви и со помош на вештачка интелигенција, го идентификувал убиецот.

Масакрот кај Бердичев и примената на вештачката интелигенција

Според неговите наоди, објавени во списанието „Zeitschrift für Geschichtswissenschaft“, масакрот се случил на 28 јули 1941 година, во цитаделата Бердичев, град на 150 километри југозападно од Киев и околу 90 километри северно од она што сега е познато како Винициа, кое долго време се сметало за место на убиствата. Градот со векови бил центар на еврејската заедница, но со доаѓањето на нацистите, поголемиот дел од населението таму било осудено на смрт.

Егзекуцијата ја извршила „Einsatzgruppe C“, мобилна единица задолжена за „чистење“ на областа од Евреи и партизани неколку дена пред посетата на Адолф Хитлер. Меѓу нив бил и Јакобус Онен, наставник по јазици и физичко образование роден во 1906 година во германското село Тихелварф.

Матеус го опишува процесот како комбинација од среќа, архивска работа, придонес од колегите и анализа на слики од волонтери од Белингкет. Кога се јавил читател кој го препознал Онен како роднина на неговата сопруга, семејните фотографии биле споредени со историски фотографии со помош на алгоритми.

Роднините ги уништиле писмата на Онен од Источниот фронт во 1990-тите, но сè уште ги имале неговите слики, кои волонтерите на Белингкет можеле да ги користат за да ја анализираат сликата со помош на вештачка интелигенција.

„Експертите за вештачка интелигенција ми велат дека бидејќи станува збор за стара фотографија, потешко е да се добие совпаѓање од 98 или 99,9 проценти“, што често се постигнува во современата форензичка работа, рече Матеус. Но, големата сличност, во комбинација со доказите, му даде кредибилитет да објави.

„Употребата на дигитални алатки во хуманистичките науки значително се зголеми, но обично за обработка на масовни податоци, не толку за квалитативна анализа“, рече тој за потенцијалот на вештачката интелигенција во неговата област. „Вештачката интелигенција не е магичен куршум, таа е само една од алатките. Човечкиот фактор останува клучен“, рече Матеус.

Кој бил Јакобус Онен?

Онен бил образован човек, наставник по француски, англиски јазик и физичко образование кој сакал да патува и да учи јазици. Тој се приклучил на Нацистичката партија пред Хитлер да дојде на власт во 1933 година. Иако учествувал во масакрот, тој никогаш не напредувал од понискиот чин и бил убиен во акција во 1943 година. „Учеството во убиства како ова се подразбирало, но не носеlo никакви „поени“ во тие единици“, рече Матеус.

Денес Матесу работи со украинскиот колега Андриј Махалецки на идентификување на жртвата од фотографијата. Ова е исклучително тешка задача бидејќи, за разлика од депортациите од Западна Европа, масовните егзекуции во Советскиот Сојуз ретко се евидентирале со имиња.

Од 20.000 Евреи во Бердичев, само 15 преживеале до 1944 година.

„Оваа фотографија треба да биде подеднакво важна како и онаа од вратите на Аушвиц, бидејќи го прикажува непосредниот чин на убиството – погледот ги проучува очите на крвникот и на жртвата“, нагласи Матеус.

CBW / Alamy / Profimedia

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот