Шест години од смртта на харизматичната Љупка Димитровска

Љупка Димитровска
Љупка Димитровска / Фото: Скриншот, Јутјуб

Денеска се навршуваат шест години од смртта на Љупка Димитровска, харизматичната македонската пејачка која ја освои цела Југославија.

Музичка кариера

Димитровска е родена во Скопје, на 25 јули 1946 година. Кон крајот на шеесетите години на минатиот век, таа се преселила во Хрватска за да го оствари својот голем музички сон.

Својата најголема популарност ја стекнала во седумдесеттите години и осумдесеттите години на минатиот век, кога станала една од најобожаваните пејачки на забавна музика ширум Југославија.

Нејзината песна со наслов „Чибу, чиба“ станала голем музички хит во 1969 година, а како композитор и продуцент на песната се потпишал нејзиниот сопруг Никица Калоѓера. Доказ за успехот на оваа песна било големото внимание од страна на јавноста, но и тоа што била продадена во 23 европски земји, а била препеана и на 23 јазици.

Нашата талентирана Љупка успеала да издаде дури девет музички албуми за време на нејзината кариера. Нејзиниот прв албум со наслов „Љупка“ бил издаден во 1975 година, а со секој нареден албум имала сѐ поголем успех.

Регионалната слушачка публика ќе ја памети по песните „Чибу, чиба“, Твоја барка мала“, „Ја га хочу, а он мене нече“, „Адио“, „Нема више љубави“, „Године нису важне“ итн. Песната „Ѕвона, ѕвонат“, изведена во 1990 година на македонскиот музички фестивал „Макфест“, ќе остане засекогаш во срцата на македонските љубители на забавна музика.

На полето на шлагеристиката, Димитровска имала голем успех во Југославија, но и во странство, поточно во Чехословачка, Грција, Германија и Франција.

Приватен живот

Љупка Димитровска стапила во брак на 22-годишна возраст, со познатиот хрватски композитор, диригент и продуцент Никица Калоѓера.

Нејзиниот сопруг бил еден од најголемите музички имиња на југословенската музичка сцена и еден од заштитните имиња на Сплитскиот музички фестивал, настан кој традицонално, од 1960 година, па сѐ до денес, се одржува секое лето во Сплит.

Љупка и Никица биле во исклучително среќен брак, исполнет со многу поддршка и разбирање. Тие биле неразделни од самиот почеток, па сѐ до смртта на композиторот во 2006 година. Нивната неминовна разделба е нешто што многу ја погодило пејачката. За време на нивниот заеднички живот, тие станале родители на ќерката Ника.

Љупка Димитровска, која живееше во Загреб сѐ до крајот на нејзиниот живот, нѐ напушти на 3 октомври 2016 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот