Со македонскиот мед се сладат и Србите и Арапите

Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Извозот на мед на нашата земја лани и донел девизен прилив од 516 илјади долари, но за жал продажбата се намалила во однос на 2021 година за дури 24 проценти. Од друга страна, за увоз на мед во 2022 година, се потрошени 904 илјади долари. Најмногу мед во земјава пристигнува од Молдавија и Србија дури 95 проценти од вкупниот увоз, но на пазарот може да се најдат и минимални количества од Турција, Франција и Грција

Извозот на мед на нашата земја лани и донел девизен прилив од 516 илјади долари, но за жал продажбата се намалила во однос на 2021 година за дури 24 проценти. Природниот мед не е наш извозен адут и тој изнесува само 0,005 проценти од вкупниот извоз на државата, покажува веб страницата на Тренд Економи. Сепак со македонскиот мед најмногу се сладат нашите северни соседи каде лани заминале дури 70 проценти од произведените количини.

Извозот во Црна Гора е со учество од 20 проценти, а драстично помали количества сме извезле во Босна и Херцеговина (5,8 отсто), Германија (2,27 отсто), а минимални, но сепак вредни 3,43 илјади долари пристигнале и од извозот на македонски мед во Обединетите Арапски Емирати. Од друга страна, за увоз на мед во 2022 година, се потрошени двојно повеќе пари, односно 904 илјади долари, а и таа сума е помала за 23 проценти во споредба со 2021 година. Најмногу мед во земјава пристигнува од Молдавија и Србија дури 95 проценти од вкупниот увоз, но на пазарот може да се најдат и минимални количества од Турција, Франција и Грција.

Инаку во глобала Кина и Украина се главните снабдувачи на мед во Европската унија, а според податоците на Европската комисија, самодоволноста на земјите од ЕУ во производството на мед е само околу 60 проценти. Според податоците на Евростат, во 2021 година членките на Унијата увезле 173.400 тони природен мед од земји кои не се членки, во вредност од 405,9 милиони евра. Истовремено, постигнат е скромен извоз од само 25.500 тони со вредност од 146,6 милиони евра. Во 2022 година растот на увозот продолжи и достигна 190.591 тони со вредност од над половина милијарда евра, додека извозот беше 152.040 тони.

– Увозниот мед го преплавува пазарот на Европската унија и ова е многу чувствителна тема меѓу пчеларите и потрошувачите. Поради ниската цена, домашните пчелари ја губат трката со конкуренцијата – велат аналитичарите.

Како што пренесува „Агроклуб“, соодносот на цената е таков што килограм мед од Кина чини 1,3 евра, а од Украина 1,9. Пазарните експерти забележуваат дека за истата сума во Шпанија или Франција, добавувачите мора да одвојат 3,8 евра. Според последните анализи, главен снабдувач за ЕУ е Кина, а по неа е Украина со нешто помали количини.

Овие две земји учествуваат со дури 45 отсто од вкупниот увоз. Следуваат Аргентина, Мексико, Турција, Куба, Виетнам, Бразил и други земји. Најголеми увозници на ниво на ЕУ се Данска со 27,3 отсто или 52.034 тони. Следуваат Белгија и Полска. Кога станува збор за украинскиот мед, кој заедно со сите други земјоделски производи од таа земја се најде во ЕУ главно поради пониската цена, најмногу го има на пазарот во Германија, 11.739 тони или 25,5 отсто.

Последните анализи направени на заедничкиот пазар открија голем број фалсификати и сомнежи дека не е природен производ. Поради сето ова, европските производители на мед побараа да се направи итен акционен план за спас на секторот, посочувајќи на падот на производството низ ЕУ и порастот на евтиниот увоз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот