Со лична солидарност и колективна одговорност против лична и колективна параноја

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Во оваа земја само СДСМ зборува за одговорност и за заштита на граѓаните со вакцина во време на масовна пандемија. ВМРО-ДПМНЕ не повикува јавно граѓаните да отидат на вакцинален пункт, туку се занимава со национализам.

Одамна веќе ништо не ми е смешно. Не ми беше смешно ни кога немаше вакцини, а не ми беше смешно ни кога дојдоа. Не беше смешно ниту кога се врескаше дека денешната политика не знае да испорача (заштитен!) лек кој е бесплатен, а денес не е смешно ни тоа кога антиваксерите заговараат во јавноста купишта лудила. Не сакам да ги набројам и да ги опишам тие ментални идиотштини затоа што, ви реков, ништо повеќе не ми е смешно.

Добро, смешно е кога купишта никој и ништо се поигруваат со теориите на заговори, а не е смешно кога некои наивци веруваат во такви глупости, па гледаме дека се повеќе и повеќе има заразени. Што да се прави, како да се чини, на кој начин да се зборува, што сме ние, што ни е важно, зошто мора да се вакцинираме? Реков „мора“?  Па, не мора. Не мора ништо за оние кои се откажале од се, ама јас имам намера уште да живеам. Оттука, важни ми се луѓето со кои сум опкружен, важен ми е нивниот живот, ако ме разбирате што сакам да кажам. Важно ми е тие да се живи, здрави и вакцинирани. Ова се базични прашања на кои мора да дадеме одговори без смешни и двосмислени толкувања.

Да се прими вакцина е добро. Да се прими вакцина значи да ја преземете одговорноста за јавното добро. А што е тоа јавно добро? Да помогнете да се создаде колективен имунитет. Од друга страна, ако примите вакцина, вие со тоа го растоварувате здравствениот систем; ако примите вакцина, имаме шанса многу поброз да ја вратиме економијата, парите и на крајот – нашите животи да се вратат во некоја нормала, ако таквата „нормала“ е воопшто можна. Или, поинаку речено: да ја примите вакцината значи дека прво вие се грижите за себе, а потоа се грижити и за својата држава.

Ако заговарате невакцинација (или идиотски „антиваксеризам“), вие работите против себе и против државата, се доведувате во опасност од тешки клинички заболувања, а доведувајќи се себеси ги доведувате во опасност и другите кои го сочинуваат вашето секојдневие. Не треба да потсетувам дека со невакцинација работите и на уништување на здравствениот систем од натрупување болни и заразаени.

Овие две парадигми нашата земја повторно ја водат во конфликти. Затоа велам, мене повеќе ништо не ми е смешно. Ако е војна со пандемијата и ако повеќе ништо не е смешно, тогаш граѓаните мора да го преземат својот товар: да се борат со пандемијата така што ќе се вакцинираат. Извинете на овие зборови, ама мора да ги кажам во интерес на јавноста: кога е масовна пандемија, кога е загрозен Лондон, Париз, Берлин, Загреб, Белград и Скопје, тогаш, „молиќу лепо“, се суспендираат слободите на граѓаните за некое време додека не се вакцинира огромен број граѓани, се во интерес на колективното здравје. И тука нема трте-мрте! Тогаш се работи (вакцинира) по наредба. Ние можеме да бидеме слободни и да бираме што сакаме, ама кога се работи за масовни катастрофи кои му се закануваат на човештвото, како да ви кажам – се запира секое „просерување“ и луѓето одат на вакцинален пункт.

Додека го пишувам овој текст, го читам докторот Баловски, пулмолог од болницата „8-ми Септември“ и ми се чини дека и нему не му изгледа повеќе ништо смешно, па вели: вакцинација е спасот од оваа неволја. Сака да ни каже докторот Баловски дека во војна против пандемија нема (човечки) непријател, туку вирус, микрочестичка која е многу поопасна од напалм-бомба.

Во борба со пандемија не се бара од граѓаните да прават нешто нечесно, а не се бара ниту да го компромитираат својот морален интегритет. Само треба да се прифати еден мал ризик, вакцина, само за да запрат дополнителните инфективни компликации на нивниот (и на колективниот) организам. Никогаш не било полесно да ја извршиш својата граѓанска обврска, а во прилог на тоа одат и сите останати причини: оние себичните и оние моралните.

Во оваа земја само СДСМ зборува за одговорност и за заштита на граѓаните со вакцина во време на масовна пандемија. ВМРО-ДПМНЕ не повикува јавно граѓаните да отидат на вакцинален пункт, туку се занимава со национализам. А национализмот не е грижа за јавното добро, тоа секој лаик ќе ви го каже, туку национализмот е „лична и колективна параноја“ (Д. Киш) или „рефулиран индивидуализам“/потиснат/сузбиен/одбиен индивидуализам.

Еднаш кога тоа ќе го разбереме, некако се си доаѓа на место. Националистите не им веруваат на вакцините затоа што тие (во својата свест) не веруваат никому и во ништо, затоа што целиот тој идеолошки систем го подгрева духот на паранојата и недовербата кон вакцините, па во таа смисла тие така мислат дека и изразуваат љубов на татковината. Кај нив нема место за државата, за здравствениот систем и за грижа за граѓаните, затоа што, рековме, тие не веруваат никому, освен себеси.

Оттука, немојте воопшто да ве чуди кога националистите тропаат тешки глупости против вакцините, создавајќи недоверба и во тие решнија кои ги имаме за пандемијата, оти нивната цел е активно да работат против сопствениот народ и држава. Наместо јасно да кажат дека граѓаните мора да се вакцинираат, тие велат: секој треба да одлучи дали ќе прими вакцина. Немам сомнеж: нашата десница повторно заврши во колаборација, но овој пат не со нацистите, туку со пандемијата.

Затоа сакам да апелирам. На нашата држава и треба, не „лична и колективна параноја“ и „рефулиран индивидуализам“, тоа им го оставаме на „вмровците“, нам ни треба тоа што премиерот Заев лично го кажа пред некоја ден: солидарност од една страна, и од друга, секој еден да преземе дел од одговорноста за одржување, одбрана и за унапредување на заедничкото јавно добро. Ако тоа не го разбира ВМРО-ДПМНЕ, повеќе од јасно е дека таа јавна борба ја разбира СДСМ.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот