Со концерт на трио „Аура“ и доделување на наградите завршува фестивалот „Златна лира“

Во Музејот на македонската борба на 31 октомври, со почеток 20 часот, со доделување на наградите и со концерт на трио „Аура“ ќе заврши годинашното издание на фестивалот „Златна лира“ во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија.

Наградата „Златна лира“, која СМУМ ја доделува за врвни уметнички достигнувања во изминатата година, за 2021 година му се доделува на кларинетистот Ристо Ѓоревски.

Наградата „Златна лира“ која СМУМ ја доделува за животно дело, овојпат му се доделува на кларинетистот и универзитетски професор Иван Кочаров.

Триото „Аура“ го сочинуваат тројца истакнати музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски. Сите тројца работат како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка, Србија, Словенија за кои добиваат позитивни оценки. Критиката ги нарекува „мајстори на својот инструмент“, а поради забележителните концерти по покана на реномирани меѓународни фестивали, како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Златна лира“, БУНТ-Белград, Софија, Нишки фестивал, фестивал „Барски летопис“, фестивал „Еспресиво“ – Цетиње, фестивал „Нимус“, фестивал „Ледамус“, Врање, Ваљево итн. се вбројуваат меѓу најдобрите и најактивните музички изведувачи во Македонија.

Триото „Аура“ има долгогодишна и богата концертна активност во и надвор од нашата земја. Чести гости се на реномирани меѓународни фестивали во земјата и странство, изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови. Триото промовира премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав. Нивното заедничко високо естетско камерно музицирање високо го карактеризира „изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот