Смртоносна „игра“ на дронови

Фото: Принтскрин

Иако главната цел на Киев е да ја ослободи целата окупирана територија, јасно е дека военото раководство ја прилагодува тактиката кон условите на теренот и дека Украинците, исто како и Русите, користат беспилотни летала за да му зададат удар на непријателот далеку во заднината

Студот и исцрпеноста на трупите ги принуди и Украина и Русија да ги запрат копнените офанзиви и да ги утврдат рововските позиции сѐ додека не добијат засилувања, но тоа не значи дека ќе го прекинат огнот. Додека линијата на фронтот мирува, пресметките продолжуваат со беспилотни летала, со кои и двете страни гаѓаат цели на голема далечина.

Само на новогодишната ноќ низ Украина паднаа или беа соборени повеќе од 45 руски дронови. Претседателот Володимир Зеленски пресксиноќа ја обвини Москва дека настојува да ги исцрпи Украина и Украинците со долгорочна кампања со самоуништувачки беспилотни летала.

– Имаме информации дека Русија планира долгорочни напади користејќи беспилотни летала „шахид“, за да ги исцрпи на нашиот народ, нашата воздушна одбрана и да ја уништи нашата енергија. Украина мора да дејствува и да направи се за терористите да не успеат во својата цел, како што не успеаја и во другите цели – изјави Зеленски.

Иако главната цел на Киев е да ја ослободи целата окупирана територија, јасно е дека военото раководство ја прилагодува тактиката кон условите на теренот и дека Украинците, исто како и Русите, користат беспилотни летала за да му зададат удар на непријателот далеку во заднината. Иако Киев не ја презеде одговорноста, беспилотни летала најмалку два пати ја нападнаа руската база „Енгелс“, која е речиси 650 километри североисточно од границата со Украина и во која има и стратегиски бомбардери. При нападот во декември противвоздушната одбрана соборила еден дрон, но остатоците смртно раниле двајца техничари во базата.

Во новата војна со дронови и Русија и Украина користат летала купени од други земји. Иако има сопствени дронови, Русија за нападите врз украинската инфраструктура користи ирански летала „шахид-136“, кои се речиси безполезни како оружје на фронтот, но се смртоносни ако се користат како самоуништувачки дронови. Со цена од околу 20.000 долари, тие се релативно евтино оружје за уништување цели на далечина од стотици километри. Нивната убиствена моќ е во бојната глава со 30 до 50 килограми експлозив, која може да биде употребена за цели на далечина од 2.500 километри, со максимална брзина од 185 километри на час. Првиот напад со „шахид“ Русија го изврши на 13 септември врз цели кај Купијанск во регионот на Харков. Набрзо потоа со такви дронови беа напаѓани цели низ цела Украина, вклучувајќи ги Одеса и Миколаив, а од октомври беа насочени и врз цели во Киев. На 14 декември противвоздушната одбрана на главниот град соборила повеќе од десет „шахиди“ во веројатно најмасовниот напад со вакви летала врз Киев. Украинските противвоздушни сили се прилагодуваат за одбрана од ова опасно оружје, кое значително се разликува од класичните проектили.

– Тие летаат ниско, а може да бидат испратени и во големи јата, поради што се тешка цел. Може да соборите неколку, но не и сите – објаснува британскиот воен експерт Џастин Крамп.

Украинските сили, сепак, тврдат дека ја прилагодиле одбраната и за овој тип закани. Со активирање системи за електронско попречување, како и со оган од пешадиско оружје и митралези, украинските сили докрајот на октомври успеале да соборат 223 дронови „шахид-136“, односно 85 отсто од сите што ги лансирала Русија. Нема податоци за успешноста на одбраната во изминатите два месеца.

Украина, пак, уште во почетокот на војната купи „помалку од 50“ турски беспилотни летала „бајрактар тб-2“, кои се значително пософистицирани од иранските „шахиди“, имаат камери и може да носат четири проектили наведувани со ласери на максимална далечина од 300 километри. Во почетокот тие беа ефикасно оружје против руските моторизирани колони, но Украина не ги користи веќе со месеци. Се претпоставува дека руските противвоздушни системи лесно можат да ги соборуваат бавните „бајрактари“.

Не е познато дали Украина добила и самоуништувачки беспилотни летала „свичблејд“ што ѝ ги ветија САД. Не се ниту потврдени ниту демантирани извештаите дека американските „свичблејд“ биле користени за нападите врз руската воена база во западниот дел на Крим, врз воздухопловната база кај Севастопол и врз бродови во пристаништето Севастопол.

Освен за уништување непријателски позиции, дронови масовно се користат и за извидување. Украина користи мали „ДЏИ Мавик-3“ со максимален оперативен радиус од 30 километри за да ги лоцира руските артилериски позиции. На овие дронови може да се постават и бомби, но воедно лесно може да се блокираат со уреди за електронски попречување. Како ефикасна одбрана Русите ја користат и пушката „ступор“, која наместо куршуми исфрла електромагнетни пулсови, оневозможувајќи го сателитското наведување на малите дронови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот