Смрт во темнината на опасната Русија

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Ако се решат да ме убијат, тоа значи дека сме неверојатно силни, изјави Алексеј Навални во документарниот филм награден со Оскар.

Кога на 17 јануари 2021 година реши да се врати во Русија, Алексеј Навални храбро, некои велат и фаталистички, избра да не живее во егзил. Умре во темнината на опасната Русија.

Харизматичен, контроверзен и единствено решителен, добар познавач на правото и на финансиите, Навални и неговиот тим ја разоткриваа корупцијата на политичката елита и лично на претседателот. Како некој со дарба да мобилизира луѓе, беше обележан како најопасниот критичар на деспотскиот режим, а неговата Антикорупциска фондација во 2021 година беше прогласена за „екстремистичка организација“ и беше затворена.

Преживеа обид за труење со нервен агенс во сибирскиот Омск, по што, под притисок од светот, му беше овозможен петмесечен медицински третман во Германија. Уверен дека неговата мисија на ширење демократија и слобода има смисла само во татковината, знаеше дека веднаш ќе биде уапсен, но свесно ризикуваше.

Беше уверен дека ќе ја продолжи борбата и од зад решетките на еден од најсуровите затвори во земјата, казаматот „Поларен волк“ во градот Харп, во зафрлена руска земја окована од лед, над поларниот круг, во кој 27 пати бил фрлан во самица, иако лекарите тврдат дека тешката казна директно влијае врз здравјето, а законот пропишува дека никој не може да биде изолиран повеќе од две недели.

– На ден 16 февруари 2024 година, во Поправната колонија број 3, осуденикот Навални А. А. по прошетка се почувствувал лошо и речиси веднаш изгубил свест, по што неуспешно бил реанимиран, а причината за смртта се испитува – соопшти штуро канцеларијата на Федералната казнено-поправна служба на Русија за автономниот округ Јамало-Ненец, каде што Навални неодамна беше префрлен за да ја отслужи казната од 19 години затвор поради обвиненија за екстремизам и измама.
Умрел ненадејно? Во присуство на властите. Кој да му верува на режимот на поранешниот кагебеовец, кој првпат стана претседател во 2000 година, а во март излегува на нови избори, кои ќе му овозможат непречено да владее до 2036 година, а можеби и доживотно?

Навални добро знаеше дека Владимир Путин не простува никому, но се реши од затворот да му ја расипе прославата. „Јас сум вашиот Дедо Мраз, ама јас сум посебен Дедо Мраз, па само оние што се однесувале лошо ќе добијат подароци“, на шега порачуваше преку адвокатот.

Во јуни опозиционерот и националистот што сонуваше од Русија да направи „нормална земја“ покрена онлајн акција за убедување на граѓаните да бидат „против кандидатите што ги мразиме: кандидатот Путин и кандидатот на Војната“.
Кремљ настојуваше неговата визија никогаш да не стана стварност. Путин подолго од две децении методично работи на отстранување на она малку опозициско во своето авторитарно владеење. Ефикасно ги елиминира сите потенцијални предизвици. Десетици мистериозни фрлања од хотелски балкони или болнички прозорци, необјаснета смрт на критичари, потврдуваат дека казната за отпор не е само затвор – туку и смрт.

Западот без многу двоумење ја опишува смртта на Навални како убиство зад кое стојат државата и Великиот Влад, кој најпознатиот руски опозиционер никогаш не го кажал по име.

Низ Европа се одржаа протести. Од Берлин, Париз и Амстердам до Вилнус, од Лондон и Барселона до Рим и Лисабон, илјадници демонстранти, многумина од нив руски емигранти, извикуваа пароли против Путин и бараа одговорност. „Татковината убива“, стоеше на плакатот на манифестацијата пред Амбасадата на Русија во Белград.

Сопругата на Навални, Јулија, непланирано се обрати на конференцијата за безбедност во Минхен, на која се собраа многумина светски лидери. „Сакам Путин и секој околу Путин, пријателите на Путин, неговата влада, да знаат дека ќе носат одговорност за она што ѝ го сторија на нашата земја, на моето семејство и на мојот сопруг. Тој ден наскоро ќе дојде“.
Американскиот претседател Џо Бајден не се сомнева дека смртта на Навални е „последица на нешто што го направиле Путин и неговите насилници“. Бајден во јуни 2021 година го предупреди рускиот претседател на „последици“ ако Навални почине во затвор, но не прецизираше кои акции планира да ги преземе.

– Јасно е дека Путин го уби – изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Путин се обиде и не успеа да го убие Навални брзо и тајно, а сега во затворот го уби бавно и јавно“, оцени поранешниот светски шаховски првак и дисидент Гари Каспаров.

Во Москва се изнервираа. Владејачката партија Обединета Русија 30 минути по веста за смртта им наложи на функционерите строго да се придржуваат до официјалната интерпретација, а уште подобро да се воздржат од какви било коментари.
Наместо нив се огласи портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова: „Реакцијата на лидерите на НАТО на смртта на Навални во вид на директни обвиненија против Москва е самооткривачка. Форензичкото испитување е во тек, но заклучоците од Западот се веќе спремни“.

Претседателот на Думата Вјачеслав Володин направи чекор подалеку: „Кому денес му користи смртта на Навални? Им одговара на оние што ѝ воведоа повеќе од 19.000 санкции на Русија, со цел да ѝ ја распарчат економијата и на оние што ја губат војната во Украина. За смртта на Навални се одговорни сите тие, од генералниот секретар на НАТО и раководството на САД, па до Шолц, Сунак и Зеленски“.

Полицијата ги отстрануваше цвеќето и свеќите што активистите ги поставуваа низ Москва, Санкт Петербург или Новосибирск. Беа уапсени повеќе од сто луѓе. Се потврди дека Путин најмногу стравува од отпорот на сопствениот народ, но се чини дека се излажаа оние што веруваа дека славата што ја стекнал Навални е неговата најдобра заштита.

На крајот од документарецот за кој Даниел Роер доби Оскар, Навални одговара на прашањето каква би била пораката за рускиот народ, ако случајно биде убиен. „Не ви е допуштено да отстапите. Ако се решат да ме убијат, тоа значи дека сме неверојатно силни. Единственото нешто што е неопходно за триумф на злото е добрите луѓе да молчат. Не бидете неактивни“.

Кога му беше изречена последната пресуда, Навални изјави дека ја доживува како „доживотна казна што ќе се мери со должината на мојот живот и должината на животот на режимот“. Режимот се потруди да живее подолго. Навални се потруди неговата порака да не умре. Јулија Навалнаја најави дека застанува на челото на борбата против Путин за да биде изградена „слободна, мирољубива, среќна Русија, прекрасната Русија на иднината за која толку многу сонувал мојот маж“.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот