Сметките за парно ги шокираа граѓаните, Бислимоски бара „БЕГ“ да изготви нови

Топлификација БЕГ парно греење / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

РКЕ бара „БЕГ“ да ги сторнира сите сметки што се испратени до потрошувачите и да се изготват нови сметки во кои ќе биде вкалкулирана субвенцијата што ја добиваат граѓаните од страна на Владата.

И покрај најавите од Регулаторна комисија за енергетика дека парното греење од 1 август требаше да поскапи за 14,18 отсто, сметките што им беа испорачани на граѓаните за минатиот месец беа повисоки за 40 отсто, што предизвика реакции од незадоволство кај потрошувачите. Граѓаните прашуваат зошто не се почитува кажаното, како се прават пресметките и како ќе се објасни новиот неочекуван ценовен удар по семејниот буџет.

Вчера, по многубројните реакции на јавноста, Регулаторната комисија за енергетика побара „БЕГ“ да ги сторнира испорачаните сметки за парно, а нејзиниот прв човек Марко Бислимоски појасни како дошло до граѓаните да стигнат сметки со олку висок износ.

– Единствена причина за зголемувањето на сметките за топлинска енергија што ги добија граѓаните за август е тоа што во нив не е вкалкулирана субвенцијата што ја дава Владата за потрошувачите на топлинска енергија во Градот Скопје и од тие причини се значително зголемени, порача денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги – рече Бислимоски.

Тој на прес-конференција посочи дека РКЕ бара „БЕГ“ да ги сторнира сите сметки што се испратени до потрошувачите и да се изготват нови сметки во кои ќе биде вкалкулирана субвенцијата што ја добиваат граѓаните од страна на Владата. За оние граѓани што веќе ги платиле сметките, Бислимоски рече дека ќе им биде вратена разликата во сумата во наредните сметки без разлика дали дејноста ќе ја врши „БЕГ“ или некоја друга компанија. Според него, немало потреба сметките да се испраќаат на 30 и 31 август, кога месецот сѐ уште не е завршен.

– Средства во Буџетот на државата се обезбедени. Исто така, има одредена одлука што е донесена веќе еднаш. Доколку е таа со изминат рок, ќе се донесе нова одлука со која уште еднаш ќе се потврди дека потрошувачите на топлинска енергија во Градот Скопје ќе ги добијат субвенциите – рече Бислимоски.

Тој смета дека со сегашната цена на природниот гас, која моментално изнесува околу 2.600 долари за кубен метар, мора да се размислува и за опцијата да се користи мазут. Тој прашан дали е вистина дека сѐ уште не е набавен гас за затоплување на домовите на сите граѓани приклучени на централно греење, рече дека има информации дека компанијата што планира да го преземе снабдувањето со топлинска енергија е во комуникација со најголемиот трговец со природен гас во земјава за да го обезбеди овој енергент за потребите на домаќинствата.

Претседателот на РКЕ се надева дека ќе биде обезбеден гас, а најави и дека „ТЕ-ТО“ ќе работи во септември. Бислимоски повторно потсети дека „ТЕ-ТО“ мора да работи во грејната сезона бидејќи цената што ја дава за греењето е за околу 60 отсто пониска од цената на топланите, а на тој начин се обезбедува и да нема загадување на воздухот во Скопје, што би се случило при употреба на мазут.

– Работењето на „ТЕ-ТО“ во делот на електричната енергија е неопходно во зимските месеци од технички аспект за да ги стабилизира напонските прилики во мрежата. Според мене, не постои опција „ТЕ-ТО“ да не работи во текот на зимските месеци – нагласи Бислимоски.

Сега, граѓаните очекуваат „БЕГ“ да го прифати барањето на Регулаторната комисија, да ги повлече веќе испратените сметки до граѓаните и да изготви нови со износи според покачувањето што беше најавено. Скопјани се надеваат дека  грешката ќе биде исправена и до нив ќе пристигнат сметки со нова пресметка, а на оние што платиле дека ќе им бидат вратени парите или намалени сметките идниот месец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот