Славески чека уште некој советник да го потпише барањето и Арсовска да даде мислење, за да закаже итна седница

Фото: Утрински брифинг/Слободен печат

Поднесеното барање до Советот на Град Скопје од советничката група на СДСМ и коалицијата за свикување итна вонредна седница за загадувањето на воздухот, според претседателот на градскиот Совет Трајко Славески е некомплетно, бидејќи не е задоволен условот од Статутот и Деловникот на Град Скопје, дека барање за вонредна седница можат да поднесат најмалку 15 советници, односно една третина од членовите на Советот. И покрај тоа, тој барањето итно го препратил до градоначалничката Данела Арсовска, со молба за мислење по сите седум иницијативи предложени како точки на дневниот ред.

Славески нагласи дека за барањето разговарал и со координаторката на Ссоветничката група на коалицијата предводена од СДСМ, Љубица Јанчева.

 И таа е свесна дека не е задоволен условот од една третина од членовите на Советот за свикување на вонредна седница по барање на советниците. Но, доколку во текот на денот, да речам, уште некој советник се приклучи кон нивното барање, а досега нема, и доколку добиеме мислење од градоначалничката Арсовска, се разбира, еве јас ќе постапам според обврските од деловникот и ќе се договориме за датум за седница – вели Славески.

Советничката група на СДСМ вчера информираше дека поднела иницијатива за свикување вонредна седница за загадувањето во главниот град.

 На иницијативата поддршка дадоа и советниците од политичките партии ДОМ и ЛДП. Предлагаме и конкретни мерки што имаат за цел намалување на загадувањето. Преку мерките, бараме итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот градски превоз, воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје, зголемување на средствата за борба против загадувањето од градскиот буџет, финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување на еколошки енергенси, изготвување акциски план за чистење на сите депонии во Скопје, миење на улиците и јавните површини со цистерни, безусловно интензивно постапување на инспекторите во вршењето на својата должност – соопштија од СДСМ и го повикаа Славески да закаже седница.

Тој пак посочи дека сите сакаат граѓаните на Скопје да имаат поквалитетен живот и воздух, но „треба да бидеме свесни за ограничувањата дека голем дел од проблемите со загадувањето на воздухот бараат долгорочен пристап”.

 Но, има и такви мерки, изнесени во барањата, што доколку се преземат, би се намалило загадувањето. На пример, она што е со полевањето вода на улиците, односно миењето на улиците заради прашината, понатаму зајакнување на услугите коишто ги дава ЈСП и слично. Сепак, не би можел да коментирам за барањата да се зголемат средствата во буџетот наменети за заштита на животната средина и она што беше со помош на училиштата за премин кон горива за греење коишто не загадуваат – додаде Славески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот