Скопската ЗОО ќе го засили обезбедувањето поради ноќните „посетители“

Скопје ЗОО / Принтскрин

Градината физички ја обезбедуваат осум вработени, а оттаму тврдат дека по инцидентите дополнително во ноќните часови е засилено физичкото обезбедување, а се работи и на подобрување на системот за видеонадзор

Ламите и берберските овци се животните што биле ослободени од засолништата откако несовесни граѓани влегле во Зоолошката градина во Скопје и на нивните живеалишта им ги исекле катанците и им ги отвориле вратите за да избегаат. За среќа, при редовната обиколка на ЗОО-негувателите, кои први забележале дека имало „обивање“ на живеалиштата, констатирале дека освен што берберските овци влегле во живеалиштата на ламите, кои важат за помирни животни, друга штета нема, ниту материјална ниту по здравјето и безбедноста на животните.

Директорот на Зоолошката градина Кристијан Стаменов смета дека целта на ваквиот упад во градината е да го наруши угледот на оваа институција, која во моментов важи за едно од најпосетуваните места во главниот град, но и во земјава и е главно збиралиште за сите граѓани без разлика на возраста.

– На 28.4.2022 од службите во Зоолошката градина е направен увид во живеалиштата на животните и е констатирано дека се пресечени неколку катанци, по што биле пуштени неколку животни, во рамките на просторот во Зоолошката градина. Тоа е пријавено и констатирано рано утрото од ЗОО-негувателите, кои дошле на работа и сфатиле дека станува збор за видливо и намерно пуштање на неколку животни од нивните живеалишта – објаснува Стаменов.

Директорот апелира до надлежните што е можно побрзо да се најдат сторителите и да бидат казнети за да се спречат ваквите девијантни појави, но и да се исклучи можноста во иднина насилно да се отвораат живеалиштата и на други поопасни животни што престојуваат во градината.

Поради последниот настан, од Зоолошката градина најавуваат дека ќе со засилат обезбедувањето, но и ќе работат на подобрување на системот за видеонадзор.

– Во моментов има осум вработени што физички ја обезбедуваат градината. По инцидентите дополнително во ноќните часови е засилено физичкото обезбедување, а се работи и на подобрување и усовршување на системот за видеонадзор. Иако градината 24 часа е покриена со видеонадзор, сепак токму поради тоа што станува збор за исклучително голема површина од 12 хектари, сѐ уште постојат одредени места што не се 100 процентно покриени – информира  Стаменов.

За жал, овој не е единствениот случај на обивање во ЗОО во изминатиот период. Немили настани за кои реагираше раководството на градината биле забележани и кога група луѓе неовластено влегле во Зоолошката, а имало и обид за кражба. Според Стаменов, на 10 април неовластено влегла група од дванаесетина луѓе, петнаесет минути пред затворање на градината. Како што објаснува директорот, овој проблем уредно е пријавен и е повикана полиција  за да направат увид околу неовластеното влегување на луѓето.

Вечерта, пак, нешто по полноќ, по рекордната посетеност во Зоолошката градина со над 14.000 посетители, имало обид да се обие влезната врата од благајната на ЗОО.

– Сторителот е фатен од безбедносните камери на Зоолошката градина како во два наврата се обидува да го обие влезот на благајната, претпоставуваме со цел да направи финансиска штета. Но, снимениот поединец останал само на обидот, затоа што како што се гледа на снимката, не можел да го обие влезот на билетарницата и благајната, по што е настаната незначителна материјална штета. Настанот веднаш по случувањето уште вечерта е пријавен во Полициска станица Карпош. Покрај тоа што сите овие настани се пријавени до надлежните органи за постапување, односно до Министерството за внатрешни работи, зголемена е будноста кај вработените, а дополнително е зголемено и обезбедувањето во ноќната смена – информира директорот на ЗОО Скопје.

Од Зоолошката градина остро ги осудуваат овие обиди да се наштети на нивната работа, но и на безбедноста на животните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот