Скандалозна средба меѓу Заев и Столтенберг

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Што сака да каже и да постигне овој премиер Заев? Кај не дозволува сите да испоцркаме од коронавирусот, па и од НАТО обезбедува помош, сега сака да испоцркаме од досада! Не оди така! Балканскиот регион не знае, ниту треба да знае за предвидлива, перспективна и опиплива иднина. Од искона до денес, сите ние си живееме во регион каде што никогаш не е досадно, туку е како во крвав крими-акционен филм.

Навистина скандалозно! Прво, оној генералниот секретар на НАТО, Норвежанецот Јенс Столтенберг го покани македонскиот премиер Зоран Заев во Брисел на заедничка прес конференција. Како можеше? И тоа, не како што е редот со балканските „вуцибатини“, не го седна на столче како учениче, туку двајцата стоеја пред светската јавност, еднакви, рамноправни. Скандал!

Потоа, замислете, Столтенберг му честита роденден на Заев пред целиот свет. Какво пречекорување на овластувањата! Ама не му е прв пат на Столтенберг да се однесува толку пријателски кон нашата земја. Пред пандемијата ние добро помниме и срдечни ракувања и прегратки меѓу него и нашиот премиер. Исто како со Меркел, Могерини и кој сé не. Страшно! Па уште твитови, па пофалби, па изрази на поддршка, па 60 респиратори како донација. Ужас! Вакво нешто не сме доживеале како држава. А и не е прв пат и не е само од Столтенберг.

Убаво си живеевме во изолација порано. Д-р Мугабе ни беше пријател, на пример. И Орбан. А македонски премиер чесно си плаќаше по сто и повеќе илјади долари за да се слика со некој државен функционер од Америка или Европа. Па така треба! Ако сакам да се сликам со некој важен лик во светот, ќе си платам. Македонските граѓанки и граѓани сакаат да си ја зачуваат изолацијата, Југославија во името и да си платат за сликањето на премиерот.

Заев е проблемот! Откако се појави, постојано се поздравува и гушка со светските државници, без пари! Тоа е пречекорување не само на овластувањата, туку и срамота е. Остај тоа, дури и огромна финансиска, политичка и експертска поддршка добива од нив. И тоа не за себе, како што е ред, туку за државната каса. Човек едноставно ја губи моќта на говорот, кога гледа како македонскиот премиер и македонската држава добиваат комплименти. Нема смисла, навистина…

Столтенберг е уште еден светски лик кој, по втор пат (!), излезе на заедничка прес конференција со овој нашиов кој, мора пак да се каже, скршена пара не дава за да се слика со западњаците. Мани тоа, Столтенберг говори за важни светски политички и воени прашања на таа конференција, со што му придаде значење на целиот настан. Зборува за мисиите на македонската армија, оддава почит и признание за нашиот придонес во НАТО како земја што учествува во креирањето на политиките и стратегиите, му држи лекции на Трамп за воената мисија во Авганистан… Да не говориме и за признанијата за важната улога на нашата земја во борбата со лажните вести и другите хибридни закани против демократијата. Просто ужас!

Столтенберг ашиќаре му покажа на Заев дека НАТО го поддржува и него и нашата земја, па му честиташе на реизборот на премиерската функција. Колку дрско!

Овој, пак, нашиов, му возврати со определби за вредности и интеграции. „Основната вредност што ги опфаќаат внатрешните политички приоритети на сите земји во регионот се заснова на гарантирање предвидлива, перспективна и опиплива иднина за нашите граѓани“.

Што сака да каже и да постигне овој премиер Заев? Кај не дозволува сите да испоцркаме од коронавирусот, па и од НАТО обезбедува помош, сега сака да испоцркаме од досада! Не оди така! Балканскиот регион не знае, ниту треба да знае за предвидлива, перспективна и опиплива иднина. Од искона до денес, сите ние си живееме во регион каде што никогаш не е досадно, туку е како во крвав крими-акционен филм.

Нема смисла сега, одеднаш, да се ставаме рамо до рамо со развиените западни земји во кои владее демократија, безбедност и благосостојба. Не ни личи! Тоа е спротивно на нашите традиционални вредности и историските придобивки од владеењето на ликови кои чесно плаќаат за да се сликаат со светските политичари.

Треба итно да се побара оставка и од Столтенберг и од Заев за дрскиот однос кон традициите својствени за нашата историја од антиката до денес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот