Сите сме на тест, повторно!

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

И дури и на такви локални избори добро е што Македонија е со Заев, бидејќи земјата со него стана глобален играч. Па во таа смисла ние повторно сме на тест: дали знаеме каде сме тргнале, на Исток или на Запад?

Некаде прочитав дека локалните избори во средени и уредени земји е прашање на комунални работи, а тука кај нас, локалните избори се прашање на живот и смрт, па типично, како и на секои локални избори, се јавуваат замисливи и незамисливи „идни лидери“, водачи и „ѓенерали“, а, ене го и Мицкоски, вреска како од пушка: чека биланс од изборите, па ако му оди во прилог, ќе барал нови предвремени парламентарни избори. Има „татиното синче“ амбиција за премиер, па држи (или ржи!) и не пушта.

Скопје во средината на деведесеттите години беше мој град, време во кое ги живеев моите „формативни години“, во својата свест Скопје за мене беше егзотичен град, а хигиенските услови беа многу лоши. Во тоа време бев многу млад, не морав да се одрекнам од половина живот за да живеам во Скопје. И живеев додека Груевски не стана власт, а потоа не ми беше убаво, не можев повеќе да ја чувствувам напетоста кога влегувам, а олеснување кога излегувам од градот. А потоа, го набљудував (и повремено посетував) на „пристојна“ дистанца од некои 120 километри јужно.

Ви реков, дојде Груевски со неговата камарила и го јавна Скопје како ниеден апокалиптичен јавач до тогаш. Што значи дека Груевски го поклопи на начин типичен за скопјани од „дното на бурето“, оти тој човек не беше симбол на градот, во смисла дека се работи за она митологизирано Скопје во кое сите јуришаа да отидат, да го видат, да живеат или да се омажат или оженат.

Било како било, додека јас метанисувам во Кавадарци, читам и пишувам, нам ни се приближуваат локалните избори. Типично, како и на секои избори до сега, главната приказна е дали едните ќе се одржат, а тоа значи колку СДСМ ќе освои, а колку ќе освои ВМРО-ДПМНЕ со неговите „коалициони“ сателити.

Важно е дека најголемите четири града (Скопје, Куманово, Битола и Прилеп) одат на контото на СДСМ, а за останатите ќе има „дополнителна“ борба за која, барем од она што успевам да го проникнам од анкетите, анализите и од општите впечатоци, СДСМ е фаворит на овие локалани избори.

Сигурно се прашувате што има ВМРО-ДПМНЕ како кандидати во локалните самоуправи? Па, што знам, генерално немаат ништо, неколку никој и ништо кои глумат „назависност“ и кои глумат „ние не сме од тука“, така што ваквите профили луѓе треба на Мицкоски да му донесат нови парламентарни избори, на кои, нели, Заев не знае, ама затоа Мицкоски знае како ќе сме станеле Европејци, модерни и богати. Реков „модерни“? Добро, во традиционалниот клуч на Мицкоски, „модерноста“ значи: јас владеам, дрпам пари, лажам бескрајно, а вие сите сте „куш“!

Што се однесува за Град Скопје, Мицкоски ја вади Данела Арсовска, некоја госпоѓа која изгледа пристојно, ама слабо изговара реченици од својата уста; идеален статист кој ќе го пополнува Мицкоски во својата игра за власт. Едноставно речено, не знае пристоен човек што да каже пред таква госпоѓа за која, освен нејзината „трајна“ фризурица, не може човек да разбере и да проникне што бара во политиката.

За Куманово ВМРО-ДПМНЕ го има Тони Михајловски, го знаеме човекот, зарем не, познат глумец и „повремен“ циркузант, па можеби глумиштето ќе му послужи како отскочна штица и главен „ерзац“ од неговото славно-неславно третолигашко глумење. Не е важно дали знае да води град, важно е да сака. И Груевски ја разбираше политиката како „јас сакам“, така и тие сакаат. Тоа нивно „јас сакам“ во политиката видовме што предизвика по животот и судбината на граѓаните кога „тие сакаа“ јавни работи.

А сега нешто сосема сериозно. За моето Скопје – градот на мојата „формативна младост“ – Петре Шилегов е сосема пристојна и репрезентативна величина. Паметен и урбан господин, антифашист и „модернистички бунтовник“. Токму тоа му треба на еден брз и динамичен град. Имам право да ги изговорам овие зборови за Шилегов, бидејќи, реков, човекот е репрезентативен габарит за модерно и урбано Скопје. За извесната Данела (who?) и несреќниот Коце Трајановски, Петре Шилегов на Скопје му доаѓа како човек кој се заплакнал и се напил од чиста изворска вода.

Што се однесува до Куманово, тамо ќе биде некоја „весела“ борба, откако Максим Димитриевски се самоисклучи од СДСМ од само нему познати причини. Што знам, можеби се почувствувал многу моќен, па мисли дека може да биде поголем калиф од калифот, убеден дека има шанса да победи на директни и непосредни локални избори без СДСМ во Куманово. Знаете што, моќта е сериозна работа, бара да се управува, а не таа тебе да те управува.

Во таквиот „меѓупростор“, СДСМ веднаш реагираше со нов и уште подобар кандидат за Куманово кој нема да го изневери својот премиер, па Заев го поставува Оливер Илиевски, за кого се клучни интересот и капиталните проекти за кумановчани, бидејќи тоа е голем и важен град, мултикултурен, и тоа е град што има повеќе од два семафора, па бара сериозна поддршка и минимална суета. Се обратно од тоа за кумановчани би претставувало непрагматична и непромислена играрија. Оти, знаете како, суетета може до толку да те заслепи, моќта исто така, па да заборавиш што работиш и за кого постоиш.

На крајот, сакам да кажам уште нешто сериозно. Нашите градови не смеат да се движат кон Москва или кон Будимпешта, според оној принцип на вечниот градоначалник на Москва, Јуриј Лушков, односно Сергеј Собјањин, па да „деташира“ некој од своите помошници низ македонските градови, и во такви околности не смее да се има маневарски простор.

Сите што денес се со политиката на Заев, проверено добра, исправна и за вистински цели, а оние кои се контра тој свет, без разлика на мотивите, амбициите и на личните оптоварувања, значи дека се работи за еден магловит свет со нејасна моќ која стигнува некаде од исток, можеби од Москва, а можеби и од Будимпешта. Сето тоа нејасно, нетранспарентно и нерасчистено.

Во средени земји, рековме, оние кои сепак знаат каде одат, од каде доаѓаат и „што има за ручек“, локалните избори се работа за комунални прашања, она де, околу јавниот превоз и изнесувањето ѓубре. И дури и на такви локални избори добро е што Македонија е со Заев, бидејќи земјата со него стана глобален играч. Па во таа смисла ние повторно сме на тест: дали знаеме каде сме тргнале, на Исток или на Запад? Или ќе тргнеме во својата куќа и по својата памет или ќе тргнеме кај оној што мете околу „Нова Пешта“ и Кремљ.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот