Сите сме мали под ѕвездите

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Настрана екологијата, настрана скапотијата, настрана сите други наши реални и (нереални) проблеми, откако ќе ги избистриме сите политики и ќе си исконтрираме со знајни и незнајни фејсбук ликови – мирно си легнуваме и се будиме. Тоа треба да е најголемиот дар за човештвото. Мирот.

Последното истражување на УНИЦЕФ за знаењата, ставовите и за практиките на јавноста во врска со климатските промени и со животната средина, покажа дека младите се најзасегнати за квалитетот на животната средина во која живеат. И, нормално е токму тие да бидат еколошки најосвестени во време кога навистина многу се работи за подигнување на свеста на населението околу тоа какви се последиците од нашиот непримерен однос кон мајката природа.

Дури 62 отсто од испитаниците во истражувањето го сметаат загадувањето на воздухот за најголема еколошка закана, а 40 отсто сметаат дека горењето на отпадот на дивите депонии најмногу придонесува воздухот што го дишеме да стане отровен.

За жал, овие истражувања, освен што покажуваат бројки и факти, малку ја покажуваат сликата на теренот. Особено што повеќето луѓе во ваквите анкети и не го кажуваат точно тоа што го мислат, туку тоа што се очекува како добар одговор. Реално, иако мнозинството граѓани знаат колку е битна чистата животна средина, пред сѐ за здравјето, со сиот ризик да бидам погрешно сфатена ќе речам дека мал е бројот на оние што се сериозно загрижени. И кои со своите постапки го докажуваат она што го покажуваат истражувањата.

Ете, на пример, доколку навистина се грижат за загадениот воздух, зошто не би им било гајле каде фрлаат ѓубре? Зошто повторно би се создавал отпад на веќе исчистените депонии? Зошто би се палеле контејнери? И зошто по Вардар редовно пловат пластични шишиња? Едноставно, има такви луѓе што одат низ животот очекувајќи некој друг да го чисти ѓубрето по нив. Толку од еколошката свест!

Настрана муабетот дека на екологијата често се заборава кога политичарите треба да потсоберат по некој поен кај народот, па настапуваат популистички. Па така, ќе засадат десетина дрвца низ градот, демек, еве, се грижат за зеленилото и за чистиот воздух, а истовремено, за да им удоволат на граѓаните, ќе ги намалат цените за паркирање. Ако тоа не е стимулирање што повеќе луѓе да ги користат автомобилите (кои за некои се насушна потреба), тогаш не знам што е!

И притоа градското раководство и неговото претпријатие за паркирање сметаат дека ова се прави во интерес на граѓаните. Не, не – во интерес на граѓаните е да имаат евтин (ај да не споменувам сега бесплатен), брз, функционален и квалитетен јавен градски превоз. Прво, затоа што тоа е поевтино отколку горивата за автомобилите, а второ и затоа што помалку се загадува воздухот и се намалуваат непотребните метежи низ градот. Притоа, што се случи со фактот дека со години наназад се стимулираше помала употреба на автомобили, а поголема на велосипеди? Таман тргнавме со ситни чекорчиња Скопје да го приближуваме кон европските метрополи и сега се враќаме со сто големи чекори назад.

Сепак, настрана екологијата, настрана скапотијата, настрана сите други наши реални и (нереални) проблеми, откако ќе ги избистриме сите политики и ќе си исконтрираме со знајни и незнајни фејсбук ликови – мирно си легнуваме и се будиме. Тоа треба да е најголемиот дар за човештвото. Мирот.

За жал, во Украина тоа веќе го нема. Има разурнати домови, унесреќени семејства, повредени, загинати, расплакани деца и луѓе што целото свое битисување го спакувале во еден куфер обидувајќи се да го спасат голиот живот. Човечка катастрофа. Пораз на демократијата, на сите европски вредности и принципи.

Во целиот наплив од ужасни и загрижувачки информации што сериозно ни го нарушуваат душевниот мир, изминативе денови слушнав и една убава вест. По две години пауза, поради коронавирусот, повторно е отворен Планетариумот во МКЦ. Повторно децата (малите и големите) ќе можат да учат за Сончевиот Систем, планетите, кометите и за сите други чудесии што ги крие вселената. И да научат колку сме сите мали и ситни под ѕвездите. Сите. И оние што се сметаат за лидери и си поигруваат со иднината на светот!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот