Силјановска – Давкова: Не се оди во Европа со реторика туку со почитување на вредностите

Гордана Силјановска Давкова/ Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Под слоганот „Македонија повторно горда“ на митинг пред владата настапи кандидатката за претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска Давкова.

Таа презентираше дел од принципите и вредностите кои ќе ги застапува доколку победи на претседателските избори.

Знаеме да цениме вистински вредности, правна држава и владеење на правото, независно судство, слободи и права на човекот и граѓанинот, економија што води напред. Ние ги цениме европските вредности, а тие ги кршат но се затскриваат зад нив. Темелните вредности на нашиот уставен поредок мора да ги почитуваме, ама и во билокакви односи кон надвор со држави поголеми од нас, па и со сојузи како што е Европската унија, ние вистинските Европјани имаме обврска да потсетуваме на темелните вредности, оти без нив нема ниту демократија ниту просперитет, ниту мир. Не се оди во Европа со реторика ЕУ-НАТО-ЕУ, не туку со почитување на вредностите и со практикување на вредностите. Само ако станеме нормална стандардна држава ќе бидеме во рамките на ЕУ, нагласи Силјановска Давкова.

Таа потенцираше дека владејачката партија во рамки на својот мандат не успела да направи реформи и да ги исполни вредностите кои се неопходни за членство во ЕУ.

-Замислете тие членството во ЕУ го замислуваат како качување на воз што оди кон Брисел. Не, Брисел треба да дојде овде. За овие години, тие ништо од таканаречените Копенхагенски критериуми не спроведоа. Ние ќе го сториме тоа. Кога нема ништо да направите и кога ќе бидете во конфузија што ви преостанува, само хорски да пеете нешто во што не верувате. Нема потреба од повторување за нешто што постои и замислете сега, небаре вчера формирана партија ветуваат реформи, рече кандидатката за претседател на државата, рече Силјановска Давкова.

-Бидете сигурни дека ќе ве направиме горди. Сум ги направила горди моите студенти и како пратеничка гордо ве застапував вас, за разлика од нив. Проверете ја и утврдете ја разликата. Споредете што зборуваат едните, а што другите. Не правиме компромис со вредности, немаме право на тоа, зошто така ја нагризуваме гордоста на Македонија, рече Силјановска Давкова.

Таа нагласи дека како претседател би се однесувала надпартиски, со градење сојузи и консензус.

-Ќе бидам своја глава. Ако во извршната власт има две глави треба да соработуваат. Надвор нема да заминам пред да изградам консензус за најважните државните прашања. Не се оди надвор во дуел, туку во дуо, рече Силјановска Давкова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот