
Шукова вели дека СДСМ е подготвен за предвремени парламентарни избори, кога и да се случат
Нашите членови сè повеќе се враќаат, општинските организации повторно се полнат, а структурата на партијата е обновена, вели кандидатката на опозициската партија за градоначалничка на Скопје
Кандидатката за градоначалничка на Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, вечерва во гостување на ТВ „21“ зборуваше за состојбата во партијата и нејзината подготвеност за евентуални предвремени парламентарни избори.
Препорачано
„Во изминатава година и пол поминуваме низ процес на консолидација. Почетоците беа тешки, особено во првите неколку месеци, но со текот на времето гледаме дека состојбата значително се подобрува. Нашите членови сè повеќе се враќаат, општинските организации повторно се полнат, а структурата на партијата е обновена,“ рече Шукова.
Таа додаде дека партиските комисии функционираат сериозно и активно, што, како што рече, ѝ помогнало во изработката на програмата за локалните избори.
„Граѓаните се сè поразочарани од оваа централна власт, а слична е состојбата и на локално ниво, каде голем дел од ветените проекти не се реализирани. Тоа незадоволство се претвора во наша предност,“ рече кандидатката на СДСМ.
На крај, Шукова порача дека СДСМ е „подготвен за предвремени парламентарни избори, кога и тие да бидат распишани“.