Што сè ќе содржи четвртиот пакет воена помош од Македонија за Украина?

Македонски тенк Т-72 / Фото: mill.mk

Што може Македонија дополнително да донира на Украина во воена помош и дали донацијата ќе се одрази на борбената готовност на армијата. Колку ваквиот потег е оправдан од геостратегиски аспект, со оглед на фактот што многу поголеми и посилни европски држави се држат на страна во однос на воената помош на Киев во конфликот со Русија.

Ова се дел од дилемите во домашната јавност кои се актуелизираа откако министерката за одбрана Славјанка Петровска при гостување во емисија изјави дека во моментов нашата држава го подготвува четвртиот пакет помош во воена техника за украинските сили при тоа не прецезирајќи за какво оружје станува збор.

Експертската јавност со која ја се консултираше „Слободен печат“ по оваа прашање вели дека иако АРСМ и Министерството за одбрана не ги соопштуваат деталите ниту пак го прецизираат воениот арсенал кој би требало да се даде на украинските сили, според нивните претпоставки многуверојатно станува збор за пешадиско оружје и муниција кое во најголем дел е застарено и е од советско потекло и истото не се соодветствува со планот за модернизацијата на армијата во рамките на НАТО алијансата.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, смета дека процесот на донација на оружје на Украина се одвива во координирани релации со Алијансата и истиот нема да предизвика никакво намалување на борбената готовност на армијата.

Павле Трајанов/Фото: Слободен печат

– Зборуваме за колективната безбедност која е гаранција на НАТО. Овој чекор е усогласен со другите членки на Алијансата. Процесот претпоставувам ќе наликува на она што дртугите западно европски држави го прават, односно за сета донација ние би земале или добиле компензација со ново оружје кое ќе биде современо и во стандардите кои ги налага НАТО. Потенцирам нема во никој случај да се намали одбранбената способност на Македонија доколку се издвои и донира оружје кое е застарено од нашите магацини. Гледаме дека се менува целокупниот начин и концепт на војување во Украина и во светот а тоа треба да биде показател дека Армијата во периодот што следи мора да се модернизира согласно западните сфери на интерес – оценува Трајанов.

Универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев кој е познавач на безбедносните и меѓународните случувања поврзани со Источна Европа и Украина коментирајќи ја најавената нова македонска донација на оружје по авионите и тенковите на Киев, вели дека она што можеме да го подариме во овој момент на Украинците е пешадиско оружје како и друг вид на огнено оружје кое преставува во овој миг проблем за одржување и складирање.

Проф. Методи Хаџи Јанев/Фото: Слободен печат

– Иако јавно не се соопштува што листата на оружје содржи бидејќи е класифицирана, она што можам да претпоставам е дека ќе се даде на украинската страна главно е пешадиско вооружување. Тука можеби станува збор за оклопни возила, огнено оружје и муниција кое според проценките и анализите на амријата нема да се употребува. Оваа подарена техника во никој случај нема да ја намали одбранбената способност на земјава. Напротив, согласно планот за модернизација на армијата, планирана беше нивната замена со оружје кое се вклопува во западните стандарди на НАТО – посочува Хаџи Јанев.

Слично размислува и докторот на воено-политички науки Благоја Марковски. Според него има два аспекти зошто земјите од Европа вклучително и оние од Балканот го подаруваат руското оружје на Украина во овие моменти.

Благоја Марковски

– Станува збор за проценки кои се прават во Министерстовотo за одбрана и армијата и врз основа на нив досега во овие три случаи опремата која е донирана на Украина е или застарена согласно со стратегискиот одбранбен преглед или не одговара на стандардите за развојот на амријата во наредниот период. Тоа е случај и со тенковите, тоа е случај и со авионите и со муницијата но и оружјето кое досега беше донирано на Украина – вели Марковски.

Марковски додава дека сите членки на НАТО се ориентираат кон западното оружје и стандардите кои ги наложува Алијанста, па оттаму ослободувањето од советското оружје од нивните магацини е добродојдено.

– Македонија како членка на НАТО е должна и таа така пристапува прифаќајќи ги стандардите на НАТО и во однос на опремата и во однос на оружјето но и на миницијата. И оттука нема никакво намалување на степенот на борбената готовност на армијата затоа што досегашните средства и оружје кои беа донирани не се планирани во опремувањето на армијата во овој момент и во наредниот период. За сметка на тоа во рамките на трансформацијата на армијата и постигнувањето на стандардите на НАТО, таа врши измена на својата опрема и вооружување и согласно со тоа се набавени или се планираат да се набават други средства, опрема и оружје кои ќе бидат согласно стандардите на НАТО но и современите потреби за развој на наштата армија – вели тој

Што се однесува до Македонија според воено политичкиот експерт, ние не располагаме со некое посебно оруже кое би можеме да го подариме на Украина.

– Со оглед на тоа што е досега донирано иако АРСМ не го објавува може да се претпостави дека четвртата по ред донација пак ќе биде дел од застарено оружје и опрема кои веќе не се во функција на борбената изградба на армијата, но тешко е во овој момент да се процени и да се каже концизно за каков тип на вооружување или опрема се работи – вели Марковски.

Се преговара за нова воена донација за Украина, Петровска не кажува што ќе му подариме на Киев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот