Шилегов: Досега нема вредности на аерозагадување за да се активираат мерките

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Воздухот во Скопје веќе неколку дена го надминува прагот на загадување на воздухот, кој изнесува 50 микрограми на метар кубен, но според градоначалникот Петре Шилегов, тоа не е причина да се активираат мерките против загадувањето. Тој денеска изјави дека доколку има потреба, мерките ќе ги активира Владата, а не Градот.

– Какви било мерки за загадување ги активира координативното тело на ниво на Влада. Досега немаме вредности на загадувањето кои се како задолжителни за активирање на таквиот тип мерки. Годинава немаме вредности над 100 мг на метар кубен, за среќа, компарирано со минатите пет години. Годинава за наша среќа имаме најдобри резултати, во смисла на најмал број на загадени денови.

Тој посочи дека од него не треба да се очекува да го реши проблемот со загадувањето, туку само да го намали бројот на загадени денови.

– Загадувањето е феномен или проблем што нема да ни исчезне преку ноќ, меѓутоа ќе се манифестира во намален број загадени денови. Тоа е нешто што и минатата и во текот на оваа година го имаме. Тоа не значи дека не постои, да се разбереме, но тоа значи дека вредностите паѓаат, додаде Шилегов.

Импелментацијата на стратешките мерки, иако се во почетна фаза, според него покажуваат позитивни  резултати.

– Јас можам да ви ги дадам да ги компарирате резултатите за месеците ноември и декември до денешниот ден за последните пет години за да може да ги видиме и бројот на загадени денови што ги имало и кои што ги имаме во текот на оваа година. Тоа не значи дека сме излезени од проблемот, меѓутоа значи дека со овие мерки една по една, чекор по чекор, сакате чистење оџаци, сакате инвертори, сакате пелети, допрва ќе ни доаѓаат автобусите, полека ќе дојдеме до саканата цел, а тоа е во Скопје да имаме што е можно почист амбиентален воздух, рече Шилегов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот