Шекеринска од Криви Дол: Армискиот склад за резерви на муниција е безбеден, со натчовечки напори пожарот во негова близина е ставен под контрола

Фото: Министерство за одбрана

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска го посети Криви Дол, каде е лоциран и армискиот склад за резерви на муниција кој вчеравечер беше под закана на огнена стихија. Со брза реакција на Армијата, во соработка со локалната самоуправа во Штип, пожарот е ставен под контрола, а складот е заштитен.

– Денеска сум во Овчеполието и во овој регион за да изразам огромна благодарност и да честитам на припадниците на Армијата кои во текот на вчерашниот ден помагаа во сите општини, но успеаја навистина да пружат натчовечки напори заедно со општина Штип да го обезбедат магацинот во кој што нашата Армија ги чува резервите на муниција и кој што би претставувал ризик за сите нив и за сите нас како граѓани. Тие успеаја навистина во текот на ноќта, кога се сметаше дека е ризична ситуацијата, целосно да го заштитат објектот и целосно да го заштитат локалното население, рече министерката.

За денешната состојба Шекеринска информираше дека припадниците на Армијата остануваат целосно активни на терен во поддршка на заедничките напори за справување со пожарите и порача дека граѓаните можат да се потпрат на институциите кои, пак, мораат да продолжат да инвестираат во системот за заштита и спасување.

– Денеска битката со пожарот продолжува како и на многу места низ државата и навистина сакам да ги повикам сите наши граѓани, сите локални и централни власти да бидеме заедно и да бидеме добро координирани во справување со ова зло. Сега е навистина момент кога и институциите и многу поединци во Армијата, во противпожарните единици, во локалните власти, во институциите како ДЗС, ЦУК, полицијата и други покажаа на кого можеме да се потпреме и покажаа дека многу треба да се инвестира во системите за заштита и спасување, рече министерката.

Мајорот Александар Гаврилов истакна дека се превзмени сите мерки, направен е противпожарен појас и дека складот е заштитен, а како отежнувачки околности за целосно гаснење на пожарот го посочи ветрот кој дува со голема брзина.

– Ние како Армија ги преземавме сите мерки, луѓето се уште на терен, ангажирани 24 часа и колку е потребно, толку ќе останеме за да спречиме понатамошно ширење на пожарот, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот