„Шар планина – Our Natural Home“ мотивираше многу млади луѓе да се пронајдат во руралниот туризам

Ардонит Исмаили од Тетотво, преку иницијативата „Шар планина – Our Natural Home“, ја следеше имплементацијата на Предлог-законот за прогласување на дел од Шар планина за национален парк и мобилизирање на заедницата за неговата важност, за економско-туристичките придобивки и важноста за развојот на општеството. 

Исмаили во разговор за „Слободен печат“ вели дека оваа иницијатива е важна за локалната заедница, бидејќи заедницата не била многу запознаена со важноста и придобивките од националните паркови, како и за можноста за економскиот развој преку туризмот.

 

СП: Кои активностите беа значајни за оваа иницијатива?

Исмаили: Преземените активности за иницијативата „Шар планина – Our Natural Home“ беа тесно поврзани со постигнувањето на нашата цел. Првично, како мобилизатор на заедницата, го следев Предлог-законот за прогласување на дел од Шар планината за Национален парк, до неговото гласање во Собранието, а потоа и формирањето на установите на Дирекцијата на Националниот парк Шар планина. Организирав и јавна дебата во туристичкото место Попова Шапка,  помеѓу жители од селата на Шар планина и панелистите (еколошки активисти и државни институции), кои разговараа за предизвиците, важноста, придобивките и управувањето со Националниот парк Шар планина. Потоа следуваше подготовка и поставување на информативни табли, во туристичкиот локалитет „Водопадите на селото Камјан“ и паркот „Тек Душку“, туристичко место кое беше уредено по иницијатива на локалната заедница. 

СП: Како продолживте да ја мобилизирате заедницата?

Исмаили: Напорите за мобилизација продолжија преку одржување на еко-предавања со претставниците на заедница и младите, со цел да го задржиме фокусот на конкретни дејствија поврзани со мобилизација по еко-предавањето исчистивме и уредивме одредени делови од паркот. За да ги опфатиме сите аспекти од постоечкото прашање спроведовме и обука за младите за економските придобивки од туризмот во Националниот парк „Шар планина“, како и одржавме отворен состанок со НО кои придонесоа за прогласување на Шар планината за Национален парк.

Можеме да заклучиме дека и покрај предизвиците со кои се соочивме, иницијативата ја постигна својата цел. Секоја активност во иницијативата даде посебен резултат. Јавната дебата придонесе локалната заедница подобро да се запознае со деталите и планот за управување со Националниот парк Шар планина (во однос на сопственоста, животната средина, ловот, претприемништвото итн.). Активностите на терен ни овозможија повеќе да ја мобилизираме заедницата, донацијата на информативни табли денес служи како информативен пункт за многу туристи кои ги посетуваат Камјанските водопади или паркот „Тек Душку“.  Еко-акцијата влијаеше на подигнување на свеста кај локалното население да ги интензивира барањата кон надлежните институции за по ефикасна заштита на животната средина. Состаноците со засегнати страни, каде ги презентиравме резултатите од иницијативата, влијаеја сериозно да се сфати прашањето за Националниот парк „Шар планина“ од страна на државните органи. Пред сè, резултатот лично од проектот е дека од иницијативата, денес спроведувам други проекти, тесно поврзани со Националниот парк „Шар планина“.

СП: Каква беше соработката со централната и локалната власт?

Исмаили: Мојата иницијатива беше дел изборните ветувања за парламентарните избори во 2020 година, а потоа и дел од владината програма на Владата на Северна Македонија за 2021 година, со среден приоритет. Предлог-законот за прогласување на дел од Шар планина за национален парк припаѓаше на програмата на Министерството за животна средина и просторно планирање. Во овој контекст, соработката со Министерството, односно Дирекцијата за животна средина беше на соодветно ниво. Централните управни органи беа повеќе заинтересирани за соработка отколку локалните. Локалните управни органи, иако беа информирани за иницијативата и согледувајќи ги активностите на иницијативата, за жал покажаа слабо ниво на соработка. Ова е уште една причина зошто ние како мобилизатори треба да ја мобилизираме заедницата за нашите барања да допрат и на официјален начин.

СП: Што значи да се биде мобилизатор?

Исмаили: Да се биде мобилизатор на заедницата е привилегија и важна работа. Улогата на мобилизатор на заедницата е не само да се биде познат во заедницата, туку и да ја познава истата. Мобилизаторот треба постојано да следи до која мера изборните ветувања се спроведуваат од управните органите и да ја поттикне заедницата да бара отчет од избраните политичари за исполнување на истите. Ги повикувам сите заинтересирани граѓански организации да се пријават, бидејќи тоа е можност да ја подигнат свеста на сите засегнати страни дека потсетување за спроведување на ветеното е постојана активност ( а не само пред изборите). Искуството стекнато како мобилизатор на заедницата е можност која ретко може да се најде кај нас, затоа ве повикувам да се пријавите за да стекнете одлично искуство! 

Со новиот повик преку проектот на Швајцарската Влада „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“, Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), во партнерство со Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), ќе бидат доделени грантови за иновативни иницијативи во вредност од 6.600.000 денари .


Предложените иновативни иницијативи треба да идентификуваат проблем во заедницата за кое било ветено решавање или, пак, решение за кое било ветено остварување (во изборната програма) од страна на локалната власт и/или е вклучено во тековната програма на локалната самоуправа, и да ја мобилизира заедницата да ги потсети локалните власти на нивните дадени ветувања. Тие треба да се фокусирани на локални прашања чие решавање е во надлежност на локалната власт. 

Апликации формално можат да поднесат граѓански организации, а барањето за еден грант треба да изнесува најмногу 300.000 денари. Апликантите на овој повик треба да имаат предвид дека ќе се сметаат за подобни доколку испратат само една апликација најдоцна до 30 септември, онлајн: electoralreforms.mk/cm-2022/ 

„Поддршка на изборните реформи“ е проект на Швајцарската Влада, кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Проектот цели кон поинклузивни и подемократски изборни процеси раководени од зајакната организација на изборите, кои се одблизу набљудувани од граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот