Шаќири: Наставниците ќе имаат повисоки плати и нов е-дневник, се воведуваат нови безбедносни мерки во училиштата

УЧЕНИЦИ ПРВАЧИЊА ШКОЛО УЧИЛИШТЕ ДЕЦА СКОПЈЕ (1)
Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Повисоки плати за наставниците, безбедносни мерки во училиштата, пролетен распуст, нов електронски дневник, се дел од новините што министерот за образование и наука Јетон Шаќири ги најави на денешната прес-конференција по повод новата учебна година која ќе започне на 1 септември.

Шаќири денеска додели и решенија за унапредување на 46 наставници во звање ментор. Тој додаде дека со новостекнатото звање тие стануваат поддршка и мотивација за останатите наставници во училиштата каде се вработени за подигнување на квалитетот на настава, а со тоа за унапредување на воспитно-образовниот процес.

За време на летниот распуст, како што информираше министерот, биле спроведени обуки за над 17 200 наставници и 1100 стручни соработници.

Поголема поддршка во новата учебна година добиваат и учениците со попреченост кои посетуваат настава во редовните основни училишта. Пред две години имавме 500 образовни асистенти, лани 720, а од септември ќе има 800 ангажирани образовни асистенти. Во постапка е нов закон за средно образование кој предвидува ангажирање образовни асистенти и во средните училишта каде во моментов ваков тип на стручен кадар се ангажира преку Програмата за општинска корисна работа поддржана од УНДП, додаде Шаќири.

Во делот на безбедносни мерки, Шаќири истакна дека во соработка со Министерството за внатрешни работи ги дефинирале сите потребни насоки за сите училишта.

– Ги завршивме дискусиите со МВР, ги дефиниравме потребните насоки за сите училишта и сите ќе бидат известени од страна на МВР, рече министерот.

Во однос на капиталните инвестиции, соопшти дека се завршени или во завршна фаза реконструкции во 56 училишни објекти, а во тек е изградба, односно доградба на четири нови објекти низ државава.

– Од утре учениците ги очекуваат подобри услови за настава во неколку училишта. Ја подобруваме енергетската ефикасност, пристапноста на училишните простории за учениците со попреченост, хигиенско-санитарски услови итн. за што вложуваме 4,5 милиони евра, наведе Шаќири.

Годинава, како и во изминатите две, годишниот буџет за капитални инвестиции во образованието е над 16 милиони евра, а МОН, додаде тој, само лани реализирало над 94 проценти.

– Во тек на ова лето за сите основни училишта во државата набавивме нови нагледни средства и помагала за кабинетите по историја, географија и другите предмети од групата на општествени науки. Тоа во голема мера ќе го подигне квалитетот на наставата, креативноста и интеракцијата помеѓу учениците и наставниците, соопшти Шаќири во обраќањето по повод новата учебна година.

За најавениот електронски дневник Шаќири посочи дека ќе ги елиминира проблемите со кои се соочуваа наставниците во минатото.

Учебната година ќе започне утре, првпат ќе има и пролетен распуст

Учебната 2023/2024 година ќе започне на 1 септември, а ќе трае до 17 јуни. Согласно одлуката донесена на владина седница, сите ученици од основните и средните училишта првпат ќе имаат пролетен распуст кој ќе трае од 29 април до 5 мај, практика, која министерот вели дека се применува во повеќе европски земји и која според наставниците и стручните служби ќе донесе подобри резултати.

Министерот Шаќири најави и дека наскоро ќе има ново зголемување на платите на наставниците преку општиот колективен договор.

Во однос на учебниците, министерот повтори дека најголем дел од учебниците за основното образование кои се одобрени, како и новите учебници за трето одделение, се веќе испорачани до училиштата. Останатиот дел, претежно новите учебници за шесто одделение ќе бидат доставени веднаш откако ќе бидат одобрени од Комисијата за учебници, а во меѓувреме учениците ќе се послужат со помошни материјали, кои се достапни на веб-страницата Бирото за образование и развој.

– За учениците од средното образование одобрени се 150 учебници во период од една година, најмногу за стручно образование и тие етапно ќе се печатат и доставуваат до учениците, информираше министерот, а како и шестоодделенците, така и средношколците, додека ги чекаат учебниците материјалите ќе можат да ги најдат на веб-страницата на Бирото за образование и развој.

На новинарско прашање дали чувствува одговорност за доцнењето на учебниците, Шаќири одговори дека тој како министер ја има завршено целата постапка на крајот на јули, кога е донесена одлуката за економски оператор за печатење, и дека не учествувал во постапките на Националната комисија за учебници, Педагошката служба и во мислењето на рецензентите.

– Не можам да има одговорност за постапките кои не зависат од министерот за образование и наука. МОН веднаш кога добива одлука за печатење на учебник, тоа се завршува максимум како што е во законските рокови, додаде Шаќири.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот