
ВИДЕО | Семејството на дедо Југо очекува правда за сообраќајката во која настрада додека фрлаше ѓубре на пешачка патека
Семејството на дедо Југо кој беше смртно прегазен на пешачка патека кај паркот на Франкофонијата очекува правда од судскиот процес што се води против моторџијата кој го прегази на 1 јули и избега.
Препорачано
-Фамилијата е доста вознемирена, не сака да дава изјави за јавност. Во однос на судењето се надеваме дека правдата во Македонија ќе функционира, дека некој што направил такво дело, дело кое не може да се прости, едноставно човек да отиде да фрли ѓубре на пешачка патека на кеј, да го прегази со мотор и да избега, немаме коментар. Се надеваме дека правда ќе има – рече зетот на покојниот Југослав, Бојан Бошков.
Возачот на моторот Фатон Љуми, кој вечерта возел туѓ мотор „Кавасаки“ без возачка дозвола, на пешачка патека и избегал од местото на несреќата денеска призна дека го прегазил, дедо Југо, како што го нарекуваат соседите и пријателите, но тврди дека му укажал помош и дека имало двајца полицајци.
Љури има 25 години, пред судот кажа дека е невработен, има завршено основно образование. На прашање на судијката како обезбедува егзистенција рече дека неколку пати бил во странство, односно истоварал камиони.
Тој беше донесен од притворот во Шутка, а во судницата беше и неговата вереница Дина, која е предложена како сведок на одбраната, но и неговиот сопатник Ибрахим Хамзи.
-Јас се чувствувам виновен за сообраќајката. Не би сакал да се случи тоа, никој не би сакал да се случи такво нешто. Големо сочувство до фамилијата. Јас му давав помош, двајца полицајци беа таму – рече Љури.
За разлика од него Обвинителката во воведен говор тврдеше дека возачот избегал веднаш по несреќата.
-Обвинетиот, иако Дедо Југо лежел облеан во крв, по несреќата го оставил мотоциклот и го напуштил местото на несреќата. Сопатникот на мотоциклот, иако повреден, покажал доблест и останал на местото додека да дојде увидната екипа – изјави обвинителката.
Семејството на починатиот Југослав Николовски предјави барање на оштета, додека сопатникот на моторот, рече дека не бара отштета и не се приклучува кон кривичниот прогон на обвинетиот. Тој е сведок и на предлог на обвинителството, но и на одбраната.
Судот ја раздвои постапката по предметот и за првото дело, за кое обвинетиот призна вина, го одложи за 24 октомври, додека за второто дело, за кое обвинението ќе се брани, судењето ќе продолжи на 11 ноември. Одбраната најави дека ќе предложи докази за тоа дали укажал или неукажал помош со сообраќајно-техничко вештачење и психијатриско вештачење на верницата на обвинетиот, па може да се насети дека обвинетиот ќе се брани со околности поврзани со неговата вереница.
Сообраќајната незгода се случи на 1 јули доцна вечерта. При ударот, Николовски останал да лежи повреден на патеката, а возачот и неговиот сопатник паднале на патеката по што тој избегал. Николовски добил тешки телесни повреди поради кои следното утро починал, а полесно повреден бил и сопатникот на моторот. Осомничениот го оставил мотоциклот и другите двајца повредени и пеш го напуштил местото.
Според информации на МВР, возачот имал сторено едно кривично дело – насилство во 2016 година и едно дело непочитување на здравствени ковид мерки во 2021 година.
Скопјанец со мотор смртно прегазил пешак во населбата Даме Груев