Селекцијата за наградата „Антево перо“ во вториот круг се стесни на шест поетски книги

На својот втор состанок, комисијата за доделување на наградата „Антево перо“ во состав проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), констатираше дека од листата на дванаесетте стихозбирки кои влегоа во поширока конкуренција, шест поетски наслови посебно се издвојуваат со нивниот квалитет.

Како поетски книги кои го продолжуваат натпреварот за наградата „Антево перо“, жирито ги селектираше збирките: „Монолог на пирејот“ на Љубинка Донева, „Сновиденија“ на Кирил Ангелов, „Координати на болката“ на Александра Спасеска, „А што да речам“ на Томе Липовски, „Болопадание“ од поетесата Милена Сиљаноска и „50 испеани приказни“ од авторот Александар Русјаков. Редоследот на номинираните нема вредносно значење.

Наградата „Антево перо“ се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавен поетски ракопис на македонски јазик, а ја доделува Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“ Скопје, како организатор на Мeѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, Анте Поповски.

Во потесен избор за наградата „Антев часовник“, која се доделува со цел откривање и афирмација на нови млади талентирани поети кои творат на македонски јазик и потстрек за нивното творештво, стручната комисија номинираше три збирки: „Второ детство“ на Емануела Ковачевска Китановска, „Ноќен суфлер“ на Светла Јакшиќ и „Душебол“ на Александра Атанасова. И во овој случај редоследот на номинираните нема вредносно значење.

На својот следен состанок комисијата ќе пристапи кон донесување на конечната одлука за доделување на наградата „Антево перо“ и на придружните награди „Антев златник“, односно „Антев часовник“ за 2023 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот